Државјанката на Србија која ја преживеала катастрофата во Непал има важен апел до сите: „Срцето ми е скршено…“

Точка

03/09/2026

18:00

469

Големина на фонт

а а а

Државјанката на Србија, Ениса Лековиќ, по која семејството со денови трагаше по катастрофалните поплави во Непал е пронајдена жива и безбедна, што за српскиот портал „Телеграф“ го потврди и нејзината ќерка.

По неколкудневната неизвесност, Ениса лично се огласи и раскажа што ѝ се случувало од 26 август, кога бил изгубен контактот со неа.

Нејзината приказна сега открива како сплет на навидум случајни околности можеби ја направил разликата меѓу животот и смртта. Имено, Ениса задоцнила на автобусот со кој требало да го продолжи патувањето кон подрачјето кое набргу потоа било погодено од смртоносна буица.


„Дури сега, кога конечно пристигнав на безбедно и дознав што се случувало додека бев целосно отсечена од надворешниот свет, сфатив колку ние тројцата всушност бевме неверојатно благословени. Бевме многу фрустрирани бидејќи го пропуштивме автобусот, целосно несвесни дека тоа доцнење можеби ни ги спасило животите. Сега на тоа гледам како на Божја заштита“, напиша Ениса во својата најнова објава на социјалните мрежи.

Таа им се заблагодари на сите што се труделе да ја пронајдат, а пред сè на својата ќерка, која цело време верувала дека нејзината мајка е жива.

„Пред сè, сакам да ѝ се заблагодарам на мојата ќерка, која никогаш не престана да ме бара. Таа минуваше низ неподнослива неизвесност и исклучително тешки моменти додека се обидуваше да ме пронајде. Сепак, никогаш не ја изгуби надежта дека сум жива. Остана силна и одлучна и направи сè што беше можно за да ме пронајде. Од сè срце му благодарам на Бога што ми подари таква ќерка“, истакна таа.

Таа изрази благодарност и до властите во Непал и спасувачките екипи, кои цело време биле во контакт со неа, ѝ помагале да собере информации, трагале по неа и ѝ давале поддршка во тие ужасни моменти.

„Им благодарам на сите Непалци кои ме бараа на терен, на нашите роднини и пријатели кои беа покрај мојата ќерка, како и на сите од Непал, Србија, Индија и од целиот свет кои се молеа за мене и се надеваа дека ќе бидам пронајдена жива“, додаде таа.

Ениса рече дека многумина тргнале на аџилак кон светото место Госајкунд, по повод празникот Џанаи Пурнима.

„Срцето ми е скршено поради оние кои не се вратија. Се молам Бог милостиво да ги прими нивните души, да им подари мир и мокша и да ги прими во своето присуство. За сите нас кои останавме, се молам за повеќе љубов, сочувство, разбирање и единство“, наведе државјанката на Србија.

Таа апелира да не се заборави трагедијата што го погоди Непал.


„Ве молам, бидете со Непал и со неговиот народ, кој претрпе незамислива загуба. Ова не е само трагедија на Непал – ова е загуба за целото човештво. Нека нашите молитви, љубов и солидарност му помогнат на Непал да закрепне и нека оваа трагедија нè потсети дека, и покрај сите наши разлики, сите сме едно човечко семејство“, заклучи Лековиќ.


Инаку, Ениса на 26 август тргнала од Катманду кон Дунче, град во округот Расува, на пат кон светото езеро Госајкунд. Нејзиното семејство истиот ден изгубило контакт со неа, поради што нејзината ќерка Инес го пријавила нејзиното исчезнување. Во тој момент Ениса се наоѓала на официјалниот список на странски туристи со кои бил изгубен контакт.