Започнува реконструкцијата на Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација во Скопје со инвестиција од 92,7 милиони денари, која ќе овозможи подобрување на условите за пациентите и персоналот и значително зголемување на енергетската ефикасност на објектот.
Започнува реконструкцијата на ЈЗУ Универзитетска клиника за физикална медицина и рехабилитација – Скопје, инвестиција вредна 92,7 милиони денари без ДДВ, со која ќе се подобрат условите за пациентите и медицинскиот персонал и значително ќе се зголеми енергетската ефикасност на објектите, извести Министерството за финансии.
Потпишан е Договор за грант помеѓу Министерство за финансии и Министерство за здравство за реализација на под-проектот „Реконструкција на ЈЗУ Универзитетска клиника за физикална медицина и рехабилитација – Скопје со мерки за енергетска ефикасност“, кој ќе се реализира преку Проектната единица при Министерството за финансии, со грант средства обезбедени од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка, како и со инвестициски грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
Овие активности се дел од Компонентата 1б од Проектот, која опфаќа реконструкција со мерки за енергетска ефикасност на објекти на централната власт и јавни здравствени установи.
Реконструкцијата ќе опфати осум меѓусебно поврзани објекти, со вкупна грејна површина од 7.247 квадратни метри.
Со инвестицијата Клиниката ќе добие современи енергетски ефикасни решенија, подобри и пофункционални услови за работа на медицинскиот персонал и поквалитетни услови за престој, третман и лекување на пациентите.
Предвидените градежни активности опфаќаат поставување термичка изолација на фасадите и кровните конструкции, замена на постојната дотраена столарија со нова енергетски ефикасна столарија, санација на делови од објектите и санитарните јазли, како и замена на постојното осветлување со современи енергетски ефикасни LED-системи.
Во рамките на реконструкцијата ќе се модернизираат и системите за греење и ладење преку инсталирање високоефикасни топлински пумпи и вентилаторски конвектори. Со тоа ќе се замени досегашниот систем за загревање на мазут, што ќе придонесе за намалување на потрошувачката на енергија, пониски трошоци за функционирање на установата и намалување на негативното влијание врз животната средина.
Со реализацијата на проектот се очекува значително подобрување на енергетските карактеристики на клиниката, но и создавање посовремена, пофункционална и поквалитетна здравствена средина за пациентите и медицинскиот персонал.
Реконструкцијата на ЈЗУ Универзитетска клиника за физикална медицина и рехабилитација – Скопје претставува уште една значајна инвестиција во модернизацијата на јавната здравствена инфраструктура и е дел од пошироките активности за унапредување на енергетската ефикасност на јавните објекти, поефикасно користење на јавните средства и обезбедување поквалитетни јавни услуги за граѓаните, се наведува во соопштението на Министерството за финансии.
















