Герасимовски: 551 прваче денес го започна своето образование во осумте основни училишта во Центар

Макфакс

01/09/2026

10:30

134

Големина на фонт

а а а

Во осумте основни училишта во општина Центар денес 551 прваче започнаа со своето образование во новата учебна 2026/2027 година. Градоначалникот Горан Герасимовски ги посети учениците и најави поддршка преку бесплатно обезбедување на училишни материјали, униформи, субвенционирани оброци и екскурзии, како и инвестирање во подобрување на условите за настава и развој.

Вкупно 551 прваче денес за првпат седна во училишните клупи во осумте општински основни училишта на територијата на Општина Центар, со што официјално започна новата учебна 2026/2027 година.

По повод првиот училишен ден, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, го посети ООУ „11 Октомври“, каде ги поздрави првачињата, родителите и наставниците и им посака среќен и успешен почеток на новата учебна година.

„Денес е голем ден за нашите првачиња и нивните семејства, ден кој се случува само еднаш и се памети цел живот.

И јас добро го паметам тоа чувство кога моите синови Стефан и Борјан за првпат го пречекорија училишниот праг. Денес нашите 551 прваче започнуваат едно од најубавите животни патувања. Ќе учат, ќе стекнуваат нови другарства, ќе го откриваат светот и ќе растат во личности со свои соништа, идеи и вредности. Наша обврска е да им ги создадеме најдобрите можни услови на тој пат“, истакна Герасимовски.

Општина Центар и оваа учебна година продолжува со мерките за поддршка на учениците и нивните семејства. Сите првачиња добиваат бесплатни ранци, додека за учениците од прво до деветто одделение се обезбедуваат бесплатни училишни униформи.

Од оваа учебна година започнува и субвенционирањето на оброкот за учениците од прво до трето одделение, со цел до крајот на мандатот оброкот да биде целосно бесплатен. За повозрасните ученици, Општината започнува и со бесплатни екскурзии.

Паралелно, Општина Центар продолжува со инвестициите во основните училишта, подобрувањето на условите за настава, спорт и развој, како и со поддршката на талентираните ученици.

„Сакаме училиштата во Центар да бидат места во кои децата не само што ќе стекнуваат знаење, туку ќе учат да се почитуваат, да си помагаат и да бидат добри луѓе. Места во кои нема простор за насилство и булинг, туку за другарство, толеранција и солидарност. Поддршката на учениците за нас не е само една мерка или еден проект. Таа е наша обврска и инвестиција во иднината на Центар“, порача Герасимовски.

Градоначалникот на првачињата им посака многу здравје, среќа, нови другарства и успеси, а на наставниците и родителите успешна и исполнета учебна година.