Изложбата на контроверзниот дизајнер Џон Галијано, која требаше да биде претставена во рамките на Мет Гала на Ана Винтур, сепак нема да се одржи.
Контроверзниот британски дизајнер повеќе нема да биде тема на изложбата поврзана со вечерта Мет Гала во Метрополитен музејот на уметноста, соопшти музејот.
Оваа одлука следува по сè поголемото негодување поради одлуката на музејот и Ана Винтур, глобалната главна директорка на списанието „Вог“, да му оддадат почит на овој дизајнер на Мет Гала. Галијано во 2011 година доби отказ од „Диор“, а беше прогласен за виновен за „јавни навреди“ врз основа на потекло, вера, раса или етничка припадност, откако се појавија снимки на кои дизајнерот во едно кафуле во Париз рекол „Го сакам Хитлер“ и изнел антисемитски навреди.
Мет Гала, која се одржува во првиот понеделник во мај, следната година би се одржала на денот на Јом Хашоа, кога се одбележува сеќавањето на жртвите на Холокаустот.
Галијано ја објави оваа вест на социјалните мрежи, откако во текот на викендот критиките на сметка на планираната изложба стануваа сè погласни.
„По долго размислување и разговори со сите вклучени, за жал, донесов одлука дека најдобро е изложбата во овој момент да не се одржи“, соопшти Галијано.

Дизајнерот додаде: „Не сакам дебатата што се води околу мене да го доведе Метрополитен музејот во тешка положба, ниту да го одвлече вниманието од извонредната работа на Институтот за костими. И понатаму преземам целосна одговорност за болката што ја предизвикаа моите зборови во минатото, особено за болката што им ја нанесов на еврејската и азиската заедница и длабоко жалам поради тоа. Разбирам дека вистинското покајание не се постигнува со изложба, институционално признание или еден јавен гест. Тоа е постојана одговорност, која се покажува преку слушање, учење и сопственото однесување со текот на времето“.
Галијано истакна дека е свесен оти изложбата посветена на неговата работа за некои луѓе би била „болна“.

Галијано е долгогодишен пријател на Ана Винтур, која со години беше една од неговите најголеми поддржувачки. Нејзината одлука да му оддаде почит во рамките на Мет Гала предизвика бројни реакции поради неговите изјави од 2011 година во едно париско кафуле, кога упатил антисемитски навреди кон гостите.











