Папата Лав XIV ги воодушеви модните критичари: Познатото модно списание го вброи меѓу најдобро облечените, а она што го носи со папската облека никој не го очекувал

Точка

29/08/2026

19:29

696

Големина на фонт

а а а

Папата Лав XIV по третпат се најде на листата на најдобро облечени личности, а американското модно списание „Vanity Fair“ го вброи меѓу „оригиналите“ поради, како што наведува, неговиот препознатлив личен стил, особено комбинирањето на папската облека со спортски патики и бејзбол-капа.

Лав XIV, кој според сопственото признание не е љубител на модата, се најде на листата на списанието „Vanity Fair“, кое првпат по десет години објави избор на најстилизираните личности. Папата претходно беше вброен и на слични листи на списанијата „Vogue“ и „The New York Times“.


„Vanity Fair“, по неколкунеделна „конклава“ во текот на која ги разгледувал кандидатите, го вброи папата во категоријата „Originals“, заедно со пејачките Бјорк и Розалија, како и филмскиот режисер Спајк Ли, наведува NOS.

Заедничко за сите личности во оваа категорија, според списанието, се „исклучителниот личен стил и уникатната перспектива“, како и способноста работите „да ги одржуваат интересни и полни со изненадувања“.


Списанието особено го истакнува лежерниот став на 70-годишниот папа, кој го покажал и носејќи бејзбол-капа со свештеничката облека.

Папата и по изборот за поглавар на Католичката црква продолжил да носи патики, а фотографиите од Лав XIV во спортски обувки, за кои некои корисници на социјалните мрежи мислеле дека се направени со помош на вештачка интелигенција, претходно годинава станаа вирални.


Американското модно списание „Vogue“ во декември минатата година го вброи поглаварот на Католичката црква на листата на 55 најдобро облечени личности за 2025 година.

Според пишувањето на „Vogue“, Лав направил отклон од ненаметливиот стил на својот претходник, папата Франциск, враќајќи се кон „папската традиција на совршено скроена литургиска облека“.