Сообраќајот на патиштата во Македонија се одвива непречено без подолги задржувања на граничните премини. АМСМ предупредува на можност од одрони и препорачува внимателна и прилагодена брзина, особено на определени делници.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата – информира АМСМ во утринскиот извештај за состојбата на патиштата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.








