Непал и Кина се соочуваат со тешки последици од поплавите, при што се пријавени повеќе од 600 пронајдени тела и над 2.500 исчезнати лица. Спасувачките операции се во тек и се бара странска помош за справување со катастрофата.
Полицијата на Непал денеска соопшти дека по поплавите што го погодија пограничниот регион на Непал и Кина, пронајдени се 616 безживотни тела.
Повеќе од една третина од телата се пронајдени десетици километри од зоната на катастрофата во округот Читван, во јужен Непал, во близина на границата со Индија. Во Кина, бројот на жртви се зголеми од два на седум, додека бројот на исчезнати се намали од 558 на 554.
Вкупниот број на жртви во Непал и Кина сега изнесува 623. Според непалските и кинеските власти, повеќе од 2.500 луѓе сè уште се водат како исчезнати, а Непал пријави 1.924 исчезнати, од кои 517 се странски државјани.
Според непалските власти, спасени се повеќе од 4.400 луѓе, од кои 149 странски државјани.
Армијата на Непал ги интензивираше операциите за пребарување и спасување, но се соочува со големи предизвици, вклучувајќи густа кал и луѓе заробени во планинските тунели. Калта им го отежнува слетувањето и полетувањето на хеликоптерите во погодените области.
Министерот за надворешни работи на Непал, Шисир Канал, изјави дека Катманду нема потреба од помош во потрагата и спасувањето на преживеаните, туку потребна му е странска интервенција за спасување на луѓето заробени во тунелите, воспоставување на транспортни и комуникациски услуги, идентификување на загинатите, ДНК-тестирање и складирање на телата на подолг период.
„Веќе поднесовме барања за такви специјализирани услуги и техничка помош во области каде што немаме доволно експертиза и техничко знаење“, наведе Канал.








