Огнена ноќ низ Македонија: 31 пожар за 24 часа, пет сè уште се активни

Макфакс

29/08/2026

08:00

469

Големина на фонт

а а а

Во Македонија за 24 часа се регистрирани 31 пожар на отворен простор, од кои пет се уште активни. Пожарите се пројавуваат во повеќе општини, а центарот за управување со кризи ги следи состојбите и апелира на внимателност.

Во периодот од 28 до 29 август, до 07:30 часот, во земјава се регистрирани вкупно 31 пожар на отворен простор, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Од нив, пет пожари се активни, еден е ставен под контрола, додека 25 се целосно изгаснати.

Најсериозни се пожарите што во моментов се активни во повеќе делови од земјава. Во општините Студеничани и Зелениково гори мешана шума на потегот од село Моране преку Вртекица и Рамни Габер, со крак кон Палиград и во правец на Преслап.

Активен е и пожарот во село Копаница, Општина Сарај, кој се проширува кон Радуша и зафаќа ниска вегетација и шума. Во Општина Чашка, пожарот над село Нежилово, на месноста Сватови, зафаќа ниска вегетација и поединечни дрвја.


Пожар има и во село Копанце, Општина Јегуновце, каде што гори мешана шума, како и во Општина Прилеп, во атарот на село Црнилиште, каде што пожарот зафаќа ниска вегетација и шума.

Пожарот на територијата на Општините Гостивар и Македонски Брод е ставен под контрола. Тој започнал кај село Трново во Општина Гостивар, а се проширил кон селата Битово, Заград и Страјане во Општина Македонски Брод. Зафатени се нискостеблеста шума, ниска вегетација, пасишта и папрат.

Во текот на изминатото деноноќие биле изгаснати уште 25 пожари, меѓу кои и пожари во Струмица и околните села, Охрид, Прилеп, Штип, Тетово, Гостивар, Делчево, Берово и други општини.

Меѓу изгаснатите пожари има случаи на горење ниска вегетација, шума, стрништа, отпад и диви депонии, како и пожар во дворно место.

ЦУК продолжува да ја следи состојбата на терен и апелира на внимателност поради опасноста од ширење на пожарите на отворен простор.