Во вториот квартал од 2026 година Министерството за енергетика забележа стабилна и зголемена наплата на концесиските надоместоци за експлоатација на минерални суровини, со повеќе од двојно повисоки приходи во однос на 2024 година, благодарение на унапреден систем и засилен институционален надзор.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини бележи стабилна реализација на наплатата на концесиските надоместоци за експлоатација на минерални суровини, што е резултат на унапредувањето на системот на наплата и засилениот институционален надзор врз исполнувањето на обврските од концесиските договори.
Во вториот квартал од 2026 година по основ на концесиски надоместоци се наплатени 299.461.897 денари, што претставува зголемување во однос на истиот период минатата година, кога биле наплатени 293.330.528 денари.
Во споредба со вториот квартал од 2024 година, кога наплатата изнесувала 136.204.491 денари, годинашниот износ е повеќе од двојно повисок.
Со ова, во првата половина од 2026 година вкупно се наплатени 573.918.284 денари по основ на концесиски надоместоци. За споредба, во истиот период во 2025 година биле наплатени 568.220.573 денари, а во 2024 година 259.483.981 денари.
Растот на наплатата е во корелација со мерките за унапредување на системот на концесиски надоместоци, вклучително и зголемувањето на надоместокот, но и со континуираното следење на обврските на концесионерите.
Министерството продолжува со редовни контроли и инспекциски надзори со цел доследно почитување на концесиските договори, навремено исполнување на финансиските обврски и заштита на јавниот интерес при користењето на минералните суровини.
Контролите опфаќаат следење на исполнувањето на договорните и законските обврски, како и проверка на податоците релевантни за утврдување и наплата на концесиските надоместоци.








