АХВ: Уништени над 27.5 тони УХТ млеко чиј увоз бил спречен на Блаце - утврдено повисоко присуство на афлатоксин

Макфакс

24/08/2026

16:05

423

Големина на фонт

а а а

Агенцијата за храна и ветеринарство спречи увоз и уништи над 27,5 тони УХТ млеко од Косово поради присуство на афлатоксин над дозволените норми, со цел да се обезбеди безбедност на потрошувачите и фер конкуренција на пазарот.

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство на граничниот премин Блаце, минатата недела спречија увоз од Република Косово на две пратки УХТ млеко, со вкупна тежина од 27 520 килограми, поради утврдено присуство на афлатоксин над максимално дозволените концентрации дефинирани со позитивните законски прописи.


Небезбедните количини млеко кои биле наменети за пласман во синџир маркети во земјава, минатата недела под надзор на официјален ветеринар, нештетно се уништени на депонијата Дрисла.


Мострите за лабораториско тестирање на двете небезбедни пратки УХТ млеко земени се во рамки на Мониторинг програмата која инспекциските служби на АХВ на граничен премин ја реализираат за пратките со храна од животинско потекло кои се увезуваат во земјава.


На 17 јули годинава, Агенцијата донесе и Решение за воведување на посебни безбедносни мерки при увоз на млеко, производи од млеко, како и производи кои содржат згуснато млеко и млеко во прав, со кои ги засили официјалните контроли при увоз на овој тип производи од животинско потекло преку вршење на задолжителни лабораториски испитувања и проверки на усогласеноста со барањата за квалитет, со цел на домашниот пазар да се пласираат исклучиво безбедни и квалитетни производи и да се обезбеди фер конкуренција и заштита на домашните производители и потрошувачите.