Прекината епидемијата во Гостивар со над 5.000 заразени, Клековски: Веќе нема пациенти со стомачни проблеми поврзани со водата

Макфакс

21/08/2026

13:40

135

Големина на фонт

а а а

Епидемијата во Гостивар прогласена по загадена вода е официјално прекината, откако здравствените власти пријавија немање нови случаи на стомачни инфекции поврзани со водата за пиење.

По нешто повеќе од еден месец, здравствените власти ја укинаа епидемијата во Гостивар, прогласена поради загадената вода во градскиот водовод. Министерот за здравство, Сашо Клековски, денес извести дека нема нови случаи на заразени од водоводот.

„Денска Центарот за јавно здравје Тетово одлучи да ја прекине состојбата на епидемија во Гостивар. Според нивните епидемиолошки податоци нема веќе случаи на гастроентероколитис, ентероколитис или стомачни проблеми поврзани со водата за пиење“, рече министерот Клековски.

Хоспитализирани пациенти со проблеми од загадената вода министерот Клековски вели дека немало оти 24-часовните здржувања не се сметаат за хоспитализација. Досега здравствените власти не забележале случај на хепатит од загадената вода во Гостивар, но состојбата постојано се следи оти се менува.

Во Гостивар здравствените власти прогласија епидемија на 19 јули откога над 1.000 гостиварци се пожалија на стомачни проблеми, а водата од градскиот водовод беше забранета за пиење. Анализите подоцна покажаа дека во водата за пиење има фекални бактерии.

Минатата недела пак, по спроведени постапки за прочистување на системот, беше тргната за брана за пиење на водата од градскиот водовод, а за да ги уверат гостиварци дека водата е чиста, челниците на институциите кои го водеа чистењето, пред камерите пиеја вода од градска чешма.