Хајдук од Сплит на забавен начин го претстави своето ново засилување, стоперот Денис Хаџикадуниќ. На репрезентативецот на Босна и Херцеговина наместо бурек му послужија – сирница.
Клубот го претстави така што пред него ставил бурек со сирење, што Босанците го сметаат за „навреда“ бидејќи кај нив бурек е – пита само со месо.
„Додека го чекате спортскиот директор, дозволете ни да ве почестиме. Ни рекоа дека најмногу сакате вистински бурек. Уживајте“, вели љубезната жена на видеото и му го послужува печивото. Новиот играч на Хајдук го одвиткува од хартијата, го гледа сирењето и вели: „Добро, вие мене ме за*бавате?“.
Така „белите“ на многу забавен и интересен начин го претставија долгогодишниот репрезентативец на Босна и Херцеговина, кој по истекот на договорот со руски Ростов го засили тимот од „Пољуд“ и им се приклучи на тренинзите на екипата на Гонзало Гарсија.
Тој доаѓа во Сплит по настапот на Светското првенство, каде што играше во победата од 3:1 против Катар, на која успеа и да асистира. Тоа му беше 33-от натпревар во дресот на „змејовите“, а бидејќи е роден во Малме, ги помина сите младински селекции на Шведска. Сепак, одлучи како сениор да настапува за БиХ.

Кој е Денис Хаџикадуниќ?
Хаџикадуниќ израснал во родниот Малме, но клубот го испрати на позајмица во еден нисколигаш, од каде што замина во Ростов. На Дон официјално беше сè до сега, осум години, но од 2022 година редовно заминуваше на позајмици. Овој стопер висок 190 центиметри најпрво беше вратен во Малме, потоа играше во Мајорка, па во Хамбург и Сампдорија.









