Додека се шири западнонилската треска, институциите молчат – кој ќе одговара, прашуваат од ЛДП

Макфакс

13/08/2026

09:51

157

Големина на фонт

а а а

Во текстот се посочува загриженоста на Либерално демократската партија поради ширењето на западнонилската треска во неколку скопски општини и молкот на институциите кои досега не преземаат доволно мерки за борба против епидемијата.

„Додека западнонилската треска се шири, имаме заболени и веќе еден починат пациент, надлежните институции повторно се однесуваат како проблемот да ќе исчезне ако доволно долго молчат. Ова не е тема за бирократски соопштенија и префрлање на топката од една институција на друга. Ова е јавно здравје и човечки животи“, велат од ЛДП.

„Според досега објавените информации, епидемија е прогласена во Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, регистрирани се 26 случаи, а еден пациент е починат. Затоа прашуваме: што правеа институциите додека растеше бројот на заболени?

Кога го добиле првото предупредување? Кога сфатиле дека бројот на случаи расте? Дали и кога е извршена дезинсекција и со каков опфат? Кои биле утврдените ризични подрачја? Колку пари се обезбедени за итни мерки и, конечно, кој ќе понесе одговорност ако било задоцнето со превенцијата?

Не прифаќаме граѓаните да дознаваат од медиуми и социјални мрежи дека во нивната општина е прогласена епидемија, додека надлежните се кријат зад институционален молк.

Комарецот не знае каде завршува една, а почнува друга општина, па затоа е срамно Владата, Министерството, здравствените институции и општините да си ја префрлаат одговорноста додека заразата се шири.

Бараме Владата, Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје – Скопје и локалните самоуправи веднаш и јавно да соопштат што презеле досега, што ќе преземаат во следните денови и кој конкретно е одговорен за секоја мерка.

За епидемија не се реагира откако ќе почнат да се бројат заболени и починати. Се реагира пред тоа. Тоа се вика превенција. Сè друго е неодговорност што граѓаните ја плаќаат со сопственото здравје“, се наведува во соопштението на ЛДП.