Врвен австриски експерт: „Ова е најстуденото лето во следните 300 години“

Точка

11/08/2026

20:22

138

Големина на фонт

а а а

„Ова веројатно е најстуденото лето во следните 300 години“, гласи прогнозата на врвниот австриски метеоролог и климатски експерт Андреас Јегер во разговор за австриската телевизија „Тирол ТВ“, а неговата изјава ги шокираше Австријците.

И не е ни чудо, бидејќи Австрија во моментов се соочува со историски екстремни горештини и катастрофална суша: рекордно високи температури проследени со грмотевични бури, поројни дождови и свлечишта, додека катастрофалната суша се шири низ многу австриски покраини.

За климатологот Јегер, ова повеќе не е типична вонредна појава. Напротив, развојот на настаните ова лето тој го опиша како „драматични климатски промени“, испраќајќи јасна порака:

„Климатските промени не се измислица, туку сурова тврдокорна физика“.


Со оглед на тоа што во Австрија ова лето беа соборени многу температурни рекорди, австриски експерт предупреди дека сегашното ниво на жештини и екстремните временски (не)прилики би можеле да станат „нова нормалност“. Притоа напомена дека мора да се приспособиме на оваа нова реалност.

Она што особено го загрижува Јегер е снабдувањето со вода, кое станува клучен проблем. Во справувањето со овој загрижувачки проблем, снегот во зимските месеци и глечерите имаат клучна улога, особено во алпска земја како Австрија.

Континуираната снежна покривка дејствува како природен резервоар за вода. Таа се топи релативно бавно и во текот на подолг временски период ја испушта водата во почвата и во подземните води.


Ако снежните врнежи се поретки или ако снегот и мразот се топат значително порано поради повисоките температури, се менува и водниот биланс на земјата. Кога станува збор за водниот биланс, според податоците на „GeoSphere Austria“, од јануари до јуни оваа година количината на врнежи во Австрија била за 27 отсто под долгогодишниот просек за оваа алпска земја.

Во некои австриски сојузни покраини водниот биланс бил „најсушен“ од почетокот на мерењата во далечната 1885 година.

Јегер тврди дека сега е најважно земјоделството да се приспособи на климатските промени и темелно да се реорганизира во практиката. Целта е да се задржи влагата во почвата и да се ублажат последиците од екстремните врнежи.

Затоа, според него, потребна е подобра заштита на почвата, на пример, доколку е можно, со нејзино покривање во текот на целата година.

„Навистина се соочуваме со драматични климатски промени. Ќе мора целосно да се приспособиме на новите услови. Досегашниот начин на работа повеќе не е одржлив“, предупреди Јегер за време на едно од своите предавања за тиролска осигурителна компанија.


Притоа напомена дека приспособувањето не се однесува само на земјоделството, туку дека недостигот на вода може да влијае и врз снабдувањето со вода за пиење, производството на енергија, индустријата и туризмот.

Како што покажуваат статистичките податоци за климатската состојба во 2025 година, Австрија и понатаму значително се загрева. Со просечна температура од 7,9 Целзиусови степени, температурата била за 2,1 степен повисока од климатскиот просек за периодот од 1961 до 1990 година, со што минатата година се вбројува меѓу осумте најтопли години од почетокот на мерењата.

Истовремено, количината на врнежи била околу 17 отсто пониска од долгогодишниот просек.

Покрај тоа, топлотните бранови во Австрија сега траат значително подолго отколку порано. Според податоците на „GeoSphere Austria“, тие во просек траат седум дена подолго отколку во 1960 година, што претставува зголемување од дури околу 140 отсто.

Австрискиот експерт тврди дека ништо, па ниту климатските промени, не смее да се препушти на случајноста.

„Имаме многу поголема моќ да дејствуваме отколку што мислиме“, истакна Јегер.

Како примери ги наведе областите и активностите преку кои секој поединец може да придонесе за заштита на климата: од почесто возење велосипед и пешачење, преку намалување на консумацијата на месо, па сè до поголема свест за влијанието на воздушниот сообраќај и облеката врз животната средина.


Гледано глобално, австрискиот експерт не очекува брзо враќање на претходните климатски услови и нагласи:

„Во суштина, сè уште не сме стигнале до крајот на растечкиот тренд“.

„Сè уште не сме подготвени да закочиме, ниту глобално ниту како општество. Сè додека не го направиме тоа, работите ќе продолжат да се движат по нагорна линија“, заклучи Јегер.

Затоа, изјавата на австрискиот климатолог за „најстуденото лето во следните 300 години“ пред сè претставува драстично предупредување за долгорочните трендови.

Бидејќи, како што тврди Јегер, повеќе не е прашање како последиците од климатските промени да се вратат во претходната состојба, туку многу поважно е како да се ограничи нивното натамошно зголемување. Односно, како да се закочи тој тренд“.

„Во секој случај, со она што го имаме сега, ќе мора да живееме“, порача австрискиот метеоролог и климатолог.