Победата на 41-годишниот муслиман Абдул Ел-Сајед на неодамнешните внатрепартиски избори на Демократската партија во сојузната држава Мичиген – со која го освои правото да биде нејзин кандидат на изборите за Сенатот на Соединетите Американски Држави во ноември годинава, против кандидатот на Републиканската партија – е потврда дека демократските гласачи во тој дел од земјата се наклонети кон левичарски политики и кон кандидати кои пред десетина или повеќе години не би имале никакви шанси во трката со кандидатка како Хејли Стивенс, поддржана од корпорациите и политичките центри на моќ.
Ел-Сајед ја победи Стивенс на споменатите внатрепартиски избори со нешто помалку од 15.000 гласа разлика.
Роден на 31 октомври 1984 година во Рочестер Хилс, Абдулрахман Мохамед Ел-Сајед, како што гласи неговото целосно име, пораснал во семејство на инженери – неговиот татко, Мухамед Ел-Сајед, е имигрант од Египет, а неговата маќеа Жаклин, додека неговата биолошка мајка Фатен Елкоми е психијатриска медицинска сестра.

На Универзитетот во Мичиген дипломирал биологија и политички науки во 2007 година како најдобар студент во својата генерација, а истовремено активно се занимавал и со спорт. Како добитник на престижната стипендија Родс, докторирал јавно здравство на Универзитетот во Оксфорд во 2011 година, а титулата доктор по медицина ја стекнал на Универзитетот Колумбија во 2014 година.
Во своето јавно дејствување го истакнува и долгогодишното членство во неколку синдикати. Со сопругата Сара Ел-Сајед, која по професија е психијатар, живее во Ен Арбор и има две ќерки.
Кариера
Кариерата ја започнал во 2014 година како доцент на Универзитетот Колумбија, а веќе следната година го презел раководењето со Одделот за јавно здравје во Детроит, каде што работел на обновување на системот по банкротот, отстранување на оловото од училиштата и проширување на достапноста на лекот Наркан.
По напуштањето на функцијата во 2017 година и поразот на внатрепартиските избори за гувернер од Гретчен Витмер, привремено се повлекол од активната политика и ја градел својата препознатливост преку водење на поткастот „America Dissected“, пишување книги и медиумски настапи.

Во 2020 година учествувал во работната група на тогашниот американски претседател Џо Бајден за креирање здравствени политики и намалување на цените на лековите, а од декември 2022 до април 2025 година раководел со Одделот за здравство, социјални услуги и прашања на ветераните во округот Вејн.
За време на тој мандат иницирал отпис на медицински долгови во вредност до 700 милиони долари за 300.000 граѓани, а исто така покренал правни и регулаторни постапки против најголемите индустриски загадувачи во Мичиген.
Можноста за враќање на јавната политичка сцена му се укажала кога демократскиот сенатор од Мичиген, Гери Питерс, неочекувано во јануари 2025 година објавил дека на изборите во ноември 2026 година нема да се кандидира за трет мандат во Сенатот.
Ел-Сајед влегол во трката во април 2025 година со четворица соработници и со јасно дефинирани прогресивни идеи.

Политичка платформа
Во сферата на демократијата и јавниот интерес, тој се залагал за целосно отстранување на корпоративните пари од изборните процеси преку јавно финансирање на кампањите, воведување независни комисии за прекројување на изборните единици и ограничување на мандатите на судиите во Врховниот суд, како и за заштита на избирачките и граѓанските права.
Својата научно-здравствена платформа ја засновал на трансформација на американскиот здравствен систем според европскиот модел на универзален и бесплатен јавен здравствен систем.
Покрај целосното отпишување на медицинските долгови, тој побарал директно договарање на цените на лековите со фармацевтските компании и јавно производство на есенцијални лекови. Истовремено, се спротивставува на приватизацијата на здравството и на примената на алгоритми при донесувањето одлуки за лекување, а се залагал и за безусловна федерална заштита на репродуктивните права на жените.

Во областа на економијата и работничките права, тој се залагал за поправедно оданочување на богатството на милијардерите, капиталната добивка и големите наследства, заедно со укинување на даночните дупки и значително зајакнување на синдикатите и минималните плати.
Станбената криза планирал да ја решава преку масовна изградба на јавни станови и забрана на корпоративните шпекулации со недвижности, додека земјоделските субвенции сака да ги пренасочи кон семејните земјоделски стопанства.
Во областа на технологијата и животната средина, неговата платформа предвидува строг државен надзор врз развојот на вештачката интелигенција и криптовалутите, заштита на работниците чии работни места се загрозени од автоматизацијата и итна транзиција кон 100 проценти обновливи извори на енергија, при што пристапот до чиста вода и воздух би се третирал како основно човеково право.
Конечно, во надворешната политика тој се фокусирал на прекин на американската воена доминација и пренасочување на буџетските средства од интервенции во странство кон домашните потреби.

Побарал итно воведување ембарго за продажба на оружје и запирање на воената помош за Израел, како и прекин на активностите што придонесуваат за страдањето на цивилите во Газа и Либан.
Во однос на Украина, ја поддржувал одбраната од руската агресија, додека во однос на Кина ја отфрлил воената реторика, предлагајќи економска и технолошка конкуренција.
Се спротивставил на едностраните воени напади, залагајќи се за враќање на дипломатијата со Иран, како и за значително инвестирање во глобалните хуманитарни организации и Светската здравствена организација.
Контроверзии
За време на кампањата го следеа и одредени контроверзии. Критичарите му го оспоруваа користењето на титулата лекар, бидејќи нема лиценца за практикување медицина во Мичиген, што тој го оправдувал со одлуката по дипломирањето на Колумбија да се посвети на системските проблеми во јавното здравство наместо на работа со пациенти.

Полемики предизвика и неговото тврдење дека во округот Вејн биле отпишани 700 милиони долари медицински долгови, додека официјалните податоци покажувале значително помал износ.
Иако го поврзуваа со раководењето на протестното движење „Uncommitted“ против војната во Газа во 2024 година, тој бил само учесник во него, а на крајот ја поддржал Камала Харис. Освен тоа, се истакнуваат и неговите претходни повици дел од средствата од полициските буџети да се пренасочат кон образованието и борбата против сиромаштијата.

На крајот, со поддршка од истакнати американски прогресивци како Берни Сандерс, Елизабет Ворен, Александрија Окасио-Кортез и Рашида Тлаиб, како и со ангажман на мрежа од 12.000 волонтери и агресивна медиумска кампања, Ел-Сајед ја победи Хејли Стивенс.
Нејзината кандидатура ја поддржуваа влијателни партиски фигури како гувернерката Гретчен Витмер, сенаторот Гери Питерс и лидерот на демократското мнозинство во Сенатот, Чак Шумер.
Изборната трка ја одбележаа и огромни финансиски вложувања – интересните групи наклонети кон Стивенс потрошиле повеќе од 60 милиони долари во обид да влијаат врз резултатот, при што Американско-израелскиот комитет за јавни работи (AIPAC) и организациите поврзани со него издвоиле половина од таа сума.
Следниот противник
Ел-Сајед на изборите за Сенатот во ноември ќе се соочи со кандидатот на Републиканската партија Мајк Роџерс, кој ја обезбеди номинацијата на својата партија без внатрепартиски избори. Од 2001 до 2015 година тој го претставувал 8. округ на сојузната држава Мичиген во Претставничкиот дом на САД.
Во 2024 година се кандидирал за едно од двете места во Сенатот што му припаѓаат на Мичиген, но бил поразен од кандидатката на Демократската партија Елиса Слоткин. Пред да се вклучи во политиката, пет години работел во Федералното истражно биро (ФБИ), во одделот што истражувал организиран криминал и корупција.

Роџерс ја ужива поддршката од американскиот претседател и лидер на Републиканската партија Доналд Трамп. Дека во Републиканската партија гледаат добра можност против Ел-Сајед потврдуваат и 45-те милиони долари што републиканците веќе ги резервирале за рекламните кампањи на Роџерс во Мичиген, додека АИПАК (AIPAC) најави продолжување на финансиското спротивставување на Ел-Сајед и неговата „радикална антиизраелска агенда“.
Станува збор за единственото сенаторско место во рацете на демократите што се брани во сојузна држава во која на американските претседателски избори во 2024 година победи Трамп.
Иако републиканците во Мичиген не победиле на избори за Сенатот уште од 1994 година, двете партии во оваа држава бележат успеси во последните изборни циклуси, при што демократите традиционално се посилни на изборите што не се претседателски.

Се очекува исклучително неизвесна изборна трка, што го потврдуваат и прогнозите на аналитичките платформи „Decision Desk HQ“ и „Race To The WH“, како и на британскиот неделник „The Economist“ од 5 август 2026 година.















