Џез-вечери од 13 до 16 август на Охридско лето

Макфакс

10/08/2026

12:30

122

Големина на фонт

а а а

„Џез-вечери“ претставува нова програма во рамките на фестивалот „Охридско лето“, која ќе се одржи од 13 до 16 август. На шест концерти ќе настапат музичари од различни земји, а концертите ќе се оддржат во црквата „Света Софија“ и на сцената Долни Сарај.

Првото издание на „Џез-вечери“, нова програма во рамките на фестивалот „Охридско лето“, ќе се одржи од 13 до 16 август, во организација на Радио „Џез ФМ“ и на НУ „Охридско лето“. Програмата ќе се реализира во прекрасниот амбиент на црквата „Света Софија“ и на сцената Долни Сарај, а предвидени се шест концерти со настапи на музичари од САД, Германија, Грција, Гана, Холандија, Велика Британија и од Македонија. Меѓу изведувачите се: Крсте Роџевски, Дине Донеф трио, Нубаја Гарсија и „Kiioto“.

Програмата ќе биде отворена на 13 август во црквата „Света Софија“, со концертна промоција на албумот „Orthodoxia Kai Thanatos“ на Крсте Роџевски, македонски пејач, гитарист и композитор, кој е активен на авангардната „даунтаун“ сцена во Њујорк уште од неговата преселба во градот во доцните деведесетти години на минатиот век. На концертот, Роџевски ќе настапи со Христијан Моневски и со Дамјан Палоски на вокален исон, како и со Андреа Мирческа и со Оливер Јосифовски на контрабас, во улога на инструментален исон.

Неговото осмо албумско остварување, двојното ЛП-издание „Orthodoxia Kai Thanatos“, е составено од композиции што се базираат на византиското пеење, како и на ремикси на Фенес, на Икуе Мори, на Бил Ласвел, на Јос Смолдерс, на Кевин Драм и на Томас Фелдман.

Истата вечер ќе се одржи и концерт на Дине Донеф со неговото трио, во кое настапуваат Харис Ламбракис на неј и на оргули и Кирјакос Тапакис на уд. Дине Донеф (Костас Теодору) е композитор, контрабасист, мултиинструменталист, едукатор и автор со препознатлив музички јазик.
Тој е една од најавтентичните фигури на современата европска џез-сцена и на светската музичка сцена. Роден во Германија, во семејство на македонски иселеници, а израснат во Егејска Македонија, Донеф во своето творештво создава редок спој на балканската музичка традиција, на импровизацијата, на современата композиција и на личната антрополошка потрага по идентитетот и по меморијата.

На сцената Долни Сарај, на 14 август, Националниот џез-оркестар ќе се претстави со својата концертна програма „Македонски сновиденија“ – енергична фузија на македонскиот фолклор и на современиот џез. Под диригентската палка на маестро Владимир Николов, оркестарот ќе ја поведе публиката на магично музичко патување инспирирано од длабоките културни корени на македонската традиција, прераскажани преку слободниот јазик на џезот.
Специјален гостин на концертот е Питер Сомуа, западноафрикански трубач со потекло од Гана, кој денес живее и твори во Ротердам, Холандија.
Следната вечер, на 15 август, Питер Сомуа повторно ќе настапи на истата сцена, овојпат со својата група. Во неговите албуми современиот џез природно се преплетува со африкански ритми, со богати мелодии и со силна емоционална експресија.

Вториот дел од вечерта е посветен на предводничката на новата британска џез-ренесанса, Нубаја Гарсија, која со својот квартет пристигнува како несомнен хедлајнер на „Џез вечери“ на „Охридско лето“. Како една од предводничките на новата генерација лондонски џез-музичари, славната саксофонистка, композиторка и бендлидерка стекна светска репутација со својот препознатлив авторски израз, во кој современиот џез ги вткајува карипските музички традиции, афробитот, дабот и електронските влијанија.

Финален концерт на „Џез вечери“, на 16 август ќе има британскиот состав „Kiioto“, оригинален музички проект на двете етаблирани музички имиња Лу Роудс и Роан Хит, кои носат современ и автентичен авторски пристап.

Во музиката на групата органски се проникнуваат џезот, електрониката, соулот и трип-хопот, амбиенталната музика и современиот поп, создавајќи препознатлив и атмосферичен звучен пејзаж.