Украински дронови изведоа напади врз две големи руски рафинерии, предизвикувајќи пожари и повредувајќи пет лица. Нападите се случија во регионот на Самара и Краснодар, а руските власти известија за пресретнати беспилотни летала.
Украински дронови рано утрово погодија две големи руски рафинерии за нафта – Сизрањ во Самарската област и Илски во Краснодарскиот крај. Во двата објекта избувнале пожари.
Во рафинеријата во Сизрањ избувнал пожар од големи размери, откако локалните жители пријавиле десетина експлозии меѓу 3:50 и 4:30 часот. Над постројката се издигнал густ црн чад.
Гувернерот на Самарската област, Вјачеслав Федоришчев, потврдил напад врз „едно од индустриските претпријатија“, без да соопшти детали за штетата. Според независната ОСИНТ-анализа на каналот „Астра“, погодена е рафинеријата во Сизрањ, која е во сопственост на „Роснефт“ и има годишен капацитет од 8,9 милиони тони нафта.
Истовремено била нападната и рафинеријата Илски во Краснодарскиот крај. Според регионалниот оперативен штаб, пожарот го предизвикале остатоци од соборени дронови. Повредени се пет лица, на кои им била укажана медицинска помош.
Руското Министерство за одбрана тврди дека во текот на ноќта биле пресретнати вкупно 397 беспилотни летала над повеќе руски региони, окупираниот Крим и Азовското Море.














