Три македонски филмови се снимаат летово, четвртиот почнува на крајот на август

Макфакс

07/08/2026

17:21

142

Големина на фонт

а а а

Во оваа година македонската кинематографија е во фокус со интензивен продукциски период во кој се снимат три долгометражни филмови, додека четвртиот започнува со снимање во август. Филмовите ги осветлуваат различни жанрови и три различни режисери, поддржани од Агенцијата за филм.

Македонската кинематографија ова лето бележи интензивен продукциски период

Македонската кинематографија ова лето бележи интензивен продукциски период, во моментов се снимаат три македонски долгометражни играни филмови, а кон крајот на август е закажана првата клапа и на четвртиот.

Станува збор за „Мравки“ во режија на Марјан Гавриловски, „Голиот рид“ во режија на Игор Алексов и „Ајал“ во режија на Арбен Тачи, додека на 25 август започнува со снимање и „Трета смена“ на Ана Опачиќ.

Сите четири филмски проекти се поддржани од Агенцијата за филм.

„Мравки“ – црна комедија со елементи на трилер

Филмот „Мравки“ е третото долгометражно играно остварување на режисерот Марјан Гавриловски, по сценарио на Никола Кузелов. Продуцент е Ромир Јакупи, а директор на фотографија Фејми Даут. Станува збор за црна комедија со елементи на трилер, која следи необичен тандем: инспектор пред пензија и трансвестит, принудени заедно да разрешат мистериозно убиство.

Главните улоги ги толкуваат Сенко Велинов и Никола Кузелов, а во актерската екипа се и Сашко Коцев, Атанас Атанасовски, Владо Јовановски, Тања Кочовска, Владимир Тулиев, Мими Таневска, Драган Спасов-Дац и други. Филмот се снима на повеќе локации во Скопје и Дебар.

„Голиот рид“ – трилер-драма со хорор и фантазија

„Голиот рид“, во режија на Игор Алексов и по сценарио на Гоце Цветановски и Алек Русјаков, е трилер-драма со елементи на хорор и фантазија. Главната улога ја толкува Анастасија Ласовска, а во актерската екипа се Тони Наумовски, Симеон Мони Дамевски, Зоран Љутков, Стефан Вујисиќ, Филип Трајковиќ, Даниела Иваноска и Адем Карага.

Филмот се снима во Скопје и околината, во продукција на „City Star Production“ и копродукција со „OnBros“ од Косово и „Red Production“ од Србија.

„Ајал“ – современа драмска приказна

„Ајал“, по сценарио и во режија на Арбен Тачи, е современа драмска приказна за минливоста на животот, семејството, корените, традицијата и моралните избори. Приказната е силно поврзана со Тетово и Шар Планина, каде што се реализира значаен дел од снимањето.

Во актерската екипа се Арсим Фазлија, Адем Карага, Илир Винца, Осман Амети и други актери од земјава и регионот. Филмот е во продукција на „ARBFILM“ од Тетово.

„Трета смена“ започнува со снимање на 25 август

Продукцискиот бран продолжува на 25 август, кога е предвидена првата клапа на долгометражниот игран филм „Трета смена“ на Ана Опачиќ.

„Реализацијата на четири долгометражни филмови во текот на едно лето е силен показател за активноста и континуитетот на домашната кинематографија. Агенцијата за филм продолжува да ги поддржува македонските автори, продуценти, актери и филмски професионалци, создавајќи услови за континуиран развој на домашната филмска продукција“, велат од Агенцијата за филм.