СДСМ: Дали и Савески е на екскурзија, зошто Обвинителството молчи за состојбата со водата во Гостивар?

Макфакс

08/08/2026

08:43

345

Големина на фонт

а а а

Опозициската партија СДСМ ги обвинува надлежните институции и власта за лажни информации за безбедноста на водата во Гостивар и бара реакција од Обвинителството поради здравствени проблеми предизвикани од загадена вода.

СДСМ денеска повторно побара реакција од Обвинителството во врска со состојбата со водата во Гостивар, обвинувајќи ги надлежните институции и власта дека давале контрадикторни информации за нејзината исправност и безбедност.

Од опозициската партија се повикуваат на изјави на директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, според кои во водата биле утврдени „многу различни бактерии и вируси“, и прашуваат за уверувањата дека водата е технички исправна.

„Како со недели уверуваа дека водата е „технички исправна“? Како граѓаните да ја користат за капење и миење кога во неа имало бактерии и вируси? Како Мицкоски, Клековски и Тошковски да зборуваат за контрола, кога претходно рекоа дека водата може да се користи? Клековски минатата недела најавуваше дека водата наскоро ќе биде за пиење. Сега е полна со бактерии. Не една – туку многу различни. И сè уште нема ниту еден јавно објавен документ врз основа на кој дозволија користење на „техничка“ вода. Илјадници луѓе се отруени. Речиси 5.000 луѓе завршија по болници. Отруена е и самата болница во Гостивар – пациентите се превезуваат во Тетово“, велат од СДСМ.

„А Обвинителството? Ало, Савески? Дали сте на екскурзија? Или правилото ‘обвинителот не се повикува’ важи само кога не станува збор за Мицкоски?“, наведуваат од СДСМ.

Од партијата додаваат дека Народниот правобранител веќе отворил предмет и прашуваат до кога Обвинителството ќе молчи.