Вучиќ: Не верувам дека војната во Украина брзо ќе заврши, не разговаравме со Зеленски за воена соработка

Макфакс

08/08/2026

13:30

218

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, даде изјава за состојбата во Украина, нагласувајќи дека не верува во брз крај на конфликтот и оти Србија и Украина не разговарале за воена соработка. Зеленски потенцираше потреба од финансиска поддршка за продолжување на одбраната на Украина и ја истакна поддршката кон територијалниот интегритет на Србија.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека не верува оти војната во Украина брзо ќе заврши.

Одговарајќи на новинарски прашања по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белград, Вучиќ рече дека Србија и Украина не разговарале за каква било воена соработка, пренесе „Еуроњуз“.

„Ние денес не разговаравме за каква било воена соработка. Што ќе биде кога ќе заврши војната, тоа е друга работа. А што се однесува до убивањето, се надевам дека убивањето ќе престане“, рече Вучиќ.

Тој посочи дека една од доминантните теми во разговорите била европската интеграција на Украина и дека ја разбира желбата на Киев што е можно побрзо да ги отвори сите кластери и да стане членка на Европската Унија.

Сепак, Вучиќ рече дека во овој момент не гледа можност тоа реално брзо да се спроведе.

„Тие секогаш ќе најдат некого. За нас ќе најдат некои Хрвати, Бугари, Холанѓани, кого било. За Украинците ќе најдат некои други. Но, во овој момент не гледам можност тоа реално да се спроведе“, рече Вучиќ.

Тој нагласи дека Србија нема да претставува пречка за украинскиот европски пат.

„Никогаш како земја нема да направиме проблем и никогаш нема да кажеме: ‘Прво примете нè нас, ние порано почнавме, немојте Украина’. Украина никогаш нема да има таков проблем“, рече Вучиќ.

Зеленски, одговарајќи на прашањата за помошта за Украина, рече дека на земјата и натаму ѝ се потребни значителни финансиски средства за производство на повеќе оружје преку домашната наменска индустрија.

„Украина нема време ниту за скептицизам“, рече Зеленски, додавајќи дека финансиската поддршка од Европската Унија е од суштинско значење за опстанокот на земјата.

Тој истакна дека средствата се неопходни за Украина да продолжи да се брани и дека мора секојдневно да се бори за секоја финансиска поддршка.

Зеленски повтори и дека Украина доследно го почитува територијалниот интегритет на Србија и дека ќе продолжи со таквиот став, заблагодарувајќи ѝ се на Србија за поддршката на територијалниот интегритет на Украина.