Нова измама се прошири во Русија: „Црните вдовици“ се мажат за војници поради отштета

Точка

06/08/2026

22:44

647

Големина на фонт

а а а

Во Русија, има сè поголем број слични случаи на таканаречени „црни вдовици“ кои се мажат за ранливи војници за да добијат отштета по нивната смрт.

Во некои случаи се вклучени медицински сестри, организирани групи и наводна соработка со членови на безбедносните сили кои ги испраќале војниците на особено опасни мисии, пишува Си-ен-ен чиишто новинари ја пренесоа приказната за жена која дознала дека нејзиниот 59-годишен татко бил ранет на бојното поле во Украина и подоцна починал од добиените повреди. Таа била скршена, но и двојно шокирана. Не само што не знаела дека нејзиниот татко се пријавил во војска, туку ѝ било кажано и дека се оженил само два дена пред да биде испратен во војна. „На почетокот ми се чинеше како да сонувам. Дури и сега, понекогаш се будам мислејќи дека сигурно само сум го сонувала сето тоа. Но, навистина се случува“, додала таа.


Невестата, за која рекла дека никогаш не ја запознала ниту пак го слушнала нејзиниот татко да го споменува, била 22 години помлада од него. Како негова сопруга, таа станала негов законски наследник и најблизок роднина, што ѝ дало право на официјален финансиски надоместок. „Никогаш дури и не разговарав со таа жена“, истакнала жената. Таа додала дека веднаш се посомневала дека станува збор за измама. Си-ен-ен се обиде да стапи во контакт со вдовицата за коментар.

Кога руски војник ќе загине во борба, неговите најблиски роднини добиваат еднократен воен надоместок почнувајќи од пет милиони рубли, или околу 64.000 долари. Целта на надоместокот е да ги увери регрутите дека ако се случи најлошото, што често се случува, нивните најблиски ќе бидат финансиски згрижени. Но, во Русија расте загриженоста дека оваа придобивка сè повеќе ја експлоатираат бескрупулозните измамници, кои руските функционери и државни медиуми ги нарекуваат „црни вдовици“. Тие ги намамуваат ранливите мажи во лажни бракови пред да ги испратат во војна, а потоа, ако нивните нови сопружници загинат, го преземаат надоместокот без да ги вклучат останатите членови на семејството.


Во последните месеци, руската јавност беше потресена од бројни приказни за регрути кои наводно биле принудени да се оженат пред да умрат на бојното поле, како и за војници кои се венчавале дури и на смртна постела. Во еден од најпознатите случаи на „црна вдовица“, за кој широко се известуваше минатата година, медицинска сестра која работела во воена болница била отпуштена откако била обвинета дека се омажила за пет војници за кои се грижела. Наводно, таа ги договорила браковите пред да умрат од повредите, за да може да ги добие нивните посмртни надоместоци.


Ова се случува во време кога општеството е сè повеќе загрижено за последиците од војната во Украина, која Кремљ продолжува да ја нарекува „специјална воена операција“. Додека економската состојба се влошува, се појавува недостиг на гориво, бројот на човечки жртви и разорни украински напади на руска територија се зголемува, пресудите за измамници се зголемуваат, како и бројот на јавни повици до властите да реагираат порешително. „Семејствата на учесниците во специјалната воена операција треба да бидат заштитени од дрски криминалци, од таканаречените „црни вдовици“, финансиски и телефонски измамници и предатори кои ги таргетираат луѓето кои добиле паричен надоместок“, рекол Леонид Слуцки, истакнат член на рускиот парламент кој вообичаено ретко ја критикува владата. Тој додал дека ваквите „злосторства“ сега добиваат „сериозни размери“.


Откако руската инвазија на Украина започна во февруари 2022 година, Кремљ активно ги охрабрува руските регрути да стапат во брак, можеби за да ја зајакнат поддршката на нивните семејства или да им дадат дополнителна мотивација за борба. Кампањата за промоција на бракот е исто така во согласност со напорите на рускиот претседател Владимир Путин да ги промовира таканаречените традиционални вредности во услови на демографски пад на Русија. Властите се обидуваат да ги забрзаат браковите за новорегрутираните војници, без вообичаениот законски период на чекање, додека државната телевизија емитувала масовни свадби организирани од локалните власти за да го олеснат процесот. Бракот со војник, особено со регрут кој е пред заминување на бојното поле и чиј животен век на фронтот, опишан како „мелница за месо“ е катастрофално краток и дури бил промовиран како начин да се дојде до сопствен имот.


Во видеопоткаст снимен минатата година во сибирскиот град Томск, една руска агентка за недвижности им понудила изненадувачки циничен совет на потенцијалните купувачи. „Јас сум 30-годишна жена, но ако сакам да купам стан, каде да ги најдам парите?“, прашала водителката. „Едноставно е“, одговорила агентката. „Наоѓаш човек кој служи во специјална воена операција и кога ќе умре, добиваш осум милиони рубли“, или околу 102.000 долари, рекла таа со смеа. „Многу жени купуваат евтини станови на тој начин денес. Тоа е работа“, додала таа. Двете жени на крајот биле кривично гонети – осудени на долгорочна општествено корисна работа и принудени да им се извинат на војниците и нивните сопруги.


Руските судови интервенирале и во други случаи што го привлекле вниманието на тамошната јавност. Забележани се и шокантни случаи во кои припадници на руските безбедносни сили наводно учествувале во организирање измами со „црни вдовици“. Според обвинувањата, тие работеле со жените за да ги испратат нивните нововенчани сопрузи на особено опасни мисии во замена за дел од надоместокот доколку мажите бидат убиени, пренесе Си-ен-ен. Во еден таков случај, руските медиуми минатата година известија за истрага во Приморскиот крај, на далечниот исток на Русија, за наводна измама во која биле вклучени подофицер, наредник и воен сметководител. Тројцата осомничени биле обвинети за пронаоѓање ранливи мажи, вклучувајќи сирачиња и оние без блиски роднини и за договарање бракови за нив. Регрутите потоа наводно биле испраќани на позиции со висок ризик на фронтот, каде што имале значително поголема веројатност да загинат во борба. Оттогаш не се објавени нови информации за случајот.