Српската заедница во Македонија упати исклучително остра реакција до претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по соопштението на партијата насочено кон вицепремиерот и министер Иван Стоилковиќ.
Во реакцијата, исполнета со навреди, вулгарни квалификации и лични напади, Филипче се обвинува дека се обидува да влијае врз тоа кој ќе ги претставува Србите во Македонија и со кого тие ќе соработуваат.
Од заедницата порачуваат дека ниту Филипче, ниту СДСМ имаат право да им одредуваат на Србите во земјава кому ќе му дадат политичка поддршка, кого ќе почитуваат и кого ќе примаат како гостин.
„Нема ти да одредуваш кому ќе му дадеме поддршка да нè предводи, со кого ќе комуницира и кого ќе примаме како гостин“, се наведува во соопштението.
Реакцијата следува откако СДСМ објави соопштение во кое тврдеше дека проблемот на партијата не се Србите и Србија, туку лично Стоилковиќ и неговите политички и медиумски соработки. Партијата изнесе и обвинувања дека Стоилковиќ работи во корист на туѓи интереси, ја промовира Кина и учествува во создавање прорежимска медиумска мрежа во Македонија.
Српската заедница ги отфрла ваквите ставови и го обвинува Филипче дека применува поделби според принципот: „Ги сакаме Србите, но не го сакаме Стоилковиќ“.
Според нив, таквата порака претставува обид политички да се поделат Србите во Македонија на „подобни“ и „неподобни“, во зависност од тоа кого поддржуваат.
Во соопштението се тврди и дека Филипче и СДСМ се обидуваат да се мешаат во политичките односи во Србија, преку поддршка на тамошната опозиција, додека Стоилковиќ е претставен како политичар кој не ги предал интересите на српската заедница.
Од заедницата го обвинуваат Филипче и дека со своите настапи ги поттикнува антисрпските расположенија и испраќа опасни пораки кон Србите во Македонија. Во еден од најострите делови се наведува дека евентуален иден инцидент против припадници на српската заедница би бил последица и на ваквата политичка реторика.
Истовремено, се нагласува дека во Македонија постојат политички субјекти кои, според авторите на соопштението, прават Србите да се чувствуваат заштитено и достоинствено.
„Ние, Србите во Македонија, не ти веруваме доволно за да ти дозволиме да ни ја кроиш судбината и да ни наредуваш со кого ќе се дружиме и кого ќе почитуваме“, се порачува во реакцијата.
Во завршниот дел, од Српската заедница велат дека политичките функции се минливи, а политичарите остануваат запаметени според она што го направиле за сопствениот народ.
Во соопштението, Српската заедница користи исклучително остар и навредлив речник кон лидерот на СДСМ, нарекувајќи го, меѓу другото, „комуњарска коњина“, „политички штроко и духовна наказа“, „политички инфлуенсер без прегледи“, „евтин хохштаплер“, „лош ПР-производ на туѓи агенди“, „професионален климоглавец“, „дворски лакеј“, „политички камелеон“, „платен застапник на туѓи интереси“, „кловн на празни флоскули“ и „полтронска марионета“.
Понатаму, во соопштението се наведува и: „Толку си автентичен што и фотокопија би рекла: ‘Не сакам да бидам како овој’.“
Исто така, авторите му порачуваат:
„Ние, Србите во Македонија, толку ти веруваме што не би ти довериле ни две нацртани овци на хартија да ни ги чуваш пет минути.“
Претходно, Филипче најави дека СДСМ ќе поднесе интерпелација за Стоилковиќ, обвинувајќи го за навреди, закани и насилничко однесување.














