Античките пирамиди Мерое во Судан, кои се наоѓаат на листата на светско наследство на УНЕСКО, се соочуваат со сериозни штети од војната, насобраниот песок и застојот во напорите за зачувување, предупредија денес експертите.
Археологот Махмуд Сулејман предупреди дека локалитетот може да доживее „катастрофа“ и дека постои ризик од уривање на одредени структури, пренесе АП.

Мерое, сместен околу 200 километри северно од Картум, вклучува повеќе од 200 пирамиди изградени помеѓу 800 година пр. н. е. и 350 година од н. е. како кралски гробници за владетелите на античкото кралство Куш.


Мустафа Ахмед, вработен во обезбедувањето на локацијата, изјави дека песок се натрупал врз пирамидите и во внатрешноста на храмовите и дека вегетацијата почнала неконтролирано да расте.


„Пирамидите значително се урнаа и почнаа да паѓаат камења“, истакна Ахмед за АП.


Инспекторот за антиквитети Мохамед Мубарак предупреди дека солта ослободена од насобраниот песок се таложи во погребните храмови и го забрзува пропаѓањето на каменот, што ги загрозува древните натписи.

Експертите наведуваат дека климатските промени, војната што доведе до раселување на работната сила и неможноста на странските археолошки мисии да продолжат со својата работа поради безбедносната ситуација, дополнително го забрзаа влошувањето на локалитетот.

Конфликтот во Судан, кој започна во април 2023 година, веќе доведе до уништување и оштетување на бројни историски места и музеи низ целата земја.
Во април, УНЕСКО предупреди дека повеќе од 100 културни места се оштетени, додека најмалку 22 музеи се ограбени или уништени од почетокот на војната.
Фото: АП






