[ФОТО] Вонреден инспекциски надзор во Злокуќани: Утврдени неправилности кај бесправно изградени објекти

Макфакс

05/08/2026

16:07

913

Големина на фонт

а а а

Во Злокуќани се спроведуваат вонредни инспекциски надзори и контроли со цел да се санкционираат бесправните градби и неправилно одлагање отпад, како и за подобрување на јавниот ред и чистота во населбата.

Секторот Инспекторат на Општина Карпош, во соработка со полициски службеници на Полициска станица Карпош, спроведе вонредни инспекциски надзори во УЗ Злокуќани.

Во фокус на контролите беа дивоградбите во овој дел на општината при што, општинскиот градежен инспектор утврди неправилности во делот на бесправно изградени објекти и за истите започна соодветна инспекциска постапка согласно законските надлежности, извести Општина Карпош.

Во исто време, општинскиот комунален инспектор, во координација со службите за одржување на јавната хигиена и соодветна механизација, отстрануваа кабаст отпад од јавна површина во реонот на градската ул. Скупи како и во внатрешноста на населбата.

Во рамки на акцијата, беа опоменати повеќе физички лица и домаќинства поради неправилно одлагање отпад и нарушување на јавната чистота. Истовремено, инспекциските служби разговараа со жителите на Злокуќани за нивните комунални проблеми и предизвици, соопшти Општината.

Општина Карпош информира дека редовните инспекциски контроли продолжуваат секојдневно, а заедничките акции на Секторот Инспекторат со полициските службеници ќе бидат засилени и во наредниот период, со цел воспоставување поголема контрола и одржување на јавниот ред, чистотата и законитоста во УЗ Злокуќани.