МНР: Тврдењата за таен договор се само уште една во низата измислици на СДСМ

Макфакс

05/08/2026

11:40

150

Големина на фонт

а а а

Министерството за надворешни работи ги демантира тврдењата на СДСМ за таен договор и ги оценува како измислици, нагласувајќи дека надворешната политика е транспарентна и со јасна заштита на националните интереси.

Денешната прес-конференција на СДСМ е уште еден обид за создавање хистерија и дезинформирање на јавноста. Наместо да понесе одговорност и да се извини за штетата што ја нанесе врз националните и надворешнополитичките позиции на државата, СДСМ повторно пласира груби невистини и конструкции. Тврдењата за постоење таен договор или тајни преговори се само уште една во низата измислици што СДСМ ѝ ги пласира на јавноста, реагира Министерството за надворешни работи, на прес – конференцијата на Андреј Жерновски дека Владата се подготвува за признавање на францускиот предлог.

„Факт е дека институциите редовно комуницираат со земјите членки на Европската Унија, со европските институции, со Бугарија и со другите меѓународни партнери. Овие разговори се водат транспарентно, а позицијата на Владата е јасна и повеќепати јавно потврдена. Нема отстапки од националните интереси, идентитетот, јазикот и историјата. Полноправното членство во Европската Унија останува стратешка определба и крајна цел на оваа Влада. Токму тука е суштинската разлика меѓу оваа Влада и СДСМ. Во минатото, договори и компромиси се прифаќаа далеку од очите на јавноста и на штета на националните позиции. Денес, надворешната политика се води одговорно, принципиелно и во согласност со националните интереси и волјата на граѓаните. Транспарентноста и доследната заштита на националните интереси се клучната разлика меѓу оваа и претходната власт“, се наведува во реакцијата.

Од таму додаваат дека повеќе од очигледно е дека на СДСМ му е поважно преку вакви прес-конференции да им се додворува на одредени политички кругови во соседството отколку да ги брани интересите на сопствената држава и на сопствениот народ.

„Наспроти нивниот неодговорен пристап, Владата и Министерството постапуваат принципиелно и сите одлуки ги носат транспарентно, пред очите на јавноста и во согласност со јасно утврдените државни позиции“, пишува во реакцијата.