[ФОТО] Крај на интернет измамата на Ескобар: Продавал лажни златни телефони, па заврши во затвор

Точка

04/08/2026

14:06

478

Големина на фонт

а а а

Компанијата „Escobar Inc“, регистрирана во Порторико, ја основале во 2015 година Густафсон и Роберто Ескобар, поранешен сметководител и постар брат на наркобосот.

Суд во Лос Анџелес го осуди 32-годишниот Швеѓанец, кој раководел со компанија инспирирана од Пабло Ескобар и продавал „неуништиви“ златни телефони и пламенофрлачи, на четири години затвор.

Олоф Кирос Густафсон, познат како „El Silencio“, исто така ќе мора да им врати 1,3 милиони долари на купувачите кои платиле за неговите производи, пренесува „The Telegraph“.

Компанијата „Escobar Inc“, регистрирана во Порторико, ја основале во 2015 година Густафсон и Роберто Ескобар, поранешен сметководител и постар брат на наркобосот. Таа ги поседувала правата на ликот и наследството на починатиот колумбиски наркотерорист, познат како „кралот на кокаинот“, кој безмилосно владеел со картелот речиси две децении.

Тие продавале „нескршлив“ златен телефон со фотографија од Пабло Ескобар на задната страна, под името „Escobar Fold 1“, по цена од 349 долари. Роберто Ескобар тврдеше дека нивниот производ ќе го победи „Apple“, но обожавателите на неговиот брат наместо телефон по пошта почнале да добиваат само „потврди за сопственост“. Потоа им било соопштено дека немаат право на поврат на парите.

Неколку примероци од телефонот биле испратени до инфлуенсери за маркетиншки цели, но Густафсон подоцна признал дека всушност станувало збор за телефони „Samsung Galaxy Fold“ обвиткани со златна фолија. Компанијата имала и уште еден производ – пламенофрлач, кој го рекламирале жени во бикини, по цена од 249 долари. Станувало збор за копија на производот на Илон Маск и неговата шега „Not a Flamethrower“.

И покрај тоа, компанијата тврдеше дека најбогатиот човек во светот им ја украл идејата, бидејќи инженер од „Tesla“ го посетил нивниот комплекс две години претходно. Според нивните тврдења, тогаш разговарале за идејата за „играчка-пламенофрлач“, инспирирана од приказните на браќата Ескобар за палење пари за да се стоплат.

На прашањето дали Маск и Пабло Ескобар имаат нешто заедничко, Роберто Ескобар реагирал луто.


„Секако дека не. Илон Маск е човек кој ги издава луѓето. Пабло никогаш никого не издал. Луѓето го издадоа него. Тоа беше нивна грешка и обично ги чинеше живот“, изјавил Роберто.

Роберто во 2016 година побарал една милијарда долари од „Netflix“ поради популарната серија „Narcos“, тврдејќи дека компанијата користела содржина без овластување. Адвокатите на „Netflix“ соопштиле дека нема никаква основа за обвинението, по што спорот бил решен со вонсудска спогодба.

Густафсон бил екстрадиран во САД од Шпанија во 2023 година, а во притвор се наоѓа од март 2025 година. Тој ја признал вината по шест точки од обвинението, кои се однесуваат на измама, перење пари или заговор за извршување измама и перење пари, пишува „The Telegraph“.