Намалениот внес на протеини може да биде клучот за подолг и поздрав живот. Ова го покажуваат резултатите од нова студија на американски научници, објавена во списанието „Cell“, која ја доведува во прашање една од најчестите претпоставки за здрав начин на живот.
Од протеински прашоци до енергетски плочки, трендот на консумирање големи количини протеини стана еден од најголемите трендови за благосостојба во деценијата, но како што старее светската популација, новите истражувања сугерираат дека намалениот внес на протеини може да биде подобар начин за подолг и поздрав живот, пренесе Јуроњуз.
По анализа на повеќе од 300 студии, истражувачите од американскиот Универзитет Висконсин-Медисон открија дека, иако официјалните препораки често советуваат исхрана богата со протеини, новите докази сугерираат дека намалувањето на внесот на протеини всушност може да го намали ризикот од болести поврзани со стареењето, како што се дијабетесот и ракот.

„Апсолутно е јасно дека протеините носат придобивки кога станува збор за раст на мускулите и реакција на вежбање кај активните лица“ изјавил авторот на студијата, Дадли Ламинг.
Тој додал дека со оглед на тоа што повеќето луѓе го поминуваат поголемиот дел од времето седејќи во текот на својот живот, многумина веројатно консумираат повеќе протеини отколку што навистина им е потребно, што веројатно има негативни последици за здравјето.

Студијата покажа дека диетата со низок внес на протеини ја подобрува метаболичката функција со намалување на количината на масно ткиво, зголемување на потрошувачката на енергија и подобрување на стабилноста на нивото на шеќер во крвта. Овој ефект главно се должи на дејството на „заштитниот хормон“ наречен ФГФ21, чие ниво се зголемува кога внесот на протеини е низок и кој му помага на телото поефикасно да ја троши енергијата.
Истражувачите, исто така, откриле дека помалиот внес на протеини му помага на телото да премине во режим на „обнова и чистење“, познат како автофагија. Сепак, студијата нагласува дека диетата со низок внес на протеини не е соодветна за секого. Одредени групи треба да го избегнуваат ограничување на внесот на протеини, вклучувајќи ги бремените жени и децата во развој на кои им се потребни протеини за раст, како и постарите лица и оние кои закрепнуваат од сериозни повреди.
Европската агенција за безбедност на храната (ЕФСА) и Светската здравствена организација (СЗО) го поставија референтниот дневен внес на протеини за општата популација на 0,83 грама на килограм телесна тежина.









