Почина актерот Винсент Пасторе, ѕвездата на „The Sopranos“

Точка

02/08/2026

11:02

615

Големина на фонт

а а а

Актерот Винсент Пасторе, најпознат по улогата на Салваторе „Big Pussy“ Бонпенсиеро во култната серија „The Sopranos“, почина на 80-годишна возраст. Во саботата, на 1 август, сосед го пронашол мртов во неговиот дом во Бронкс.

Менаџерот на Пасторе изјавил дека три дена не успеал да стапи во контакт со него, но близок пријател на актерот потврдил дека Пасторе уште во петокот навечер телефонски разговарал со својот возач. Според првичните информации, станува збор за природна смрт и нема да има дополнителна истрага.


Почетоците на актерската кариера

Пасторе е роден на 14 јули 1946 година во Бронкс. Бил ветеран од Виетнамската војна, а по отслужувањето на воениот рок дипломирал глума на Универзитетот Пејс. Пред целосно да ѝ се посвети на глумата работел како возач на лимузина, благодарение на што ги запознал браќата Мет и Кевин Дилон.

Откако го виделе во една аматерска претстава, Кевин Дилон му помогнал да ги направи првите посериозни чекори во актерската кариера.


Патот до „The Sopranos“

Првите филмски улоги ги остварил на почетокот на деведесеттите години, појавувајќи се во филмовите „Goodfellas“, „Carlito's Way“ и „Men of Respect“. Поголемо внимание привлече со улогите во филмот „The Jerky Boys“ од 1995 година и филмот „Gotti“ на „HBO“ од 1996 година.

Токму на снимањето на „Gotti“ соработувал со Тони Сирико, Френк Винсент и Доминик Кјанезе, со кои неколку години подоцна повторно ќе глуми во „The Sopranos“.


Улогата што го прослави

Најголема трага остави со улогата на Салваторе „Big Pussy“ Бонпенсиеро во култната серија на Дејвид Чејс „The Sopranos“, која премиерно беше прикажана во 1999 година. Го толкуваше долгогодишниот пријател и еден од најблиските соработници на мафијашкиот бос Тони Сопрано, кого го отелотвори Џејмс Гандолфини.

Кога неговиот лик станува доушник на ФБИ, следува една од најпознатите и најпотресните сцени во целата серија – убиството на Бонпенсиеро.


Богата филмска и телевизиска кариера

Освен „The Sopranos“, Пасторе оствари низа забележителни филмски и телевизиски улоги. Глумеше во филмовите „Mickey Blue Eyes“, „Two Family House“, „Riding in Cars with Boys“, „Witness to the Mob“, „Deuces Wild“, „Jane Austen's Mafia!“, „Everything's Jake“, „This Thing of Ours“, „Fish Don't Blink“, „Bachelor Party Vegas“, „Revolver“ на Гај Ричи, „Once Upon a Time in Brooklyn“, „Money Train“, „A Brooklyn State of Mind“, „The Deli“ и „Spinning Gold“.

На телевизија повеќепати гостуваше во серијата „Law & Order“, а се појави и во сериите „Equal Justice“, „Son of the Beach“, „Queens Supreme“, „Hawaii Five-0“, „Wu-Tang: An American Saga“, сапуницата „One Life to Live“, како и во мини-серијата „The Last Don II“. Во последните години глумеше во серијата „Gravesend“, а гостуваше и во „Yellowjackets“.


Ријалити емисии и радио

Во текот на 2000-тите често учествуваше во различни ријалити емисии, меѓу кои „Celebrity Apprentice“, „Celebrity Family Feud“, „Dancing with the Stars“, „Shark Tank“ и „Celebrity Fit Club“. Водеше и радиоемисија „The Wiseguy Show“ на „SiriusXM“, а настапуваше и со својот бенд „The Gangster Squad“.

„Вини беше прекрасен човек, секогаш подготвен да помогне и исклучително благороден“, изјави неговиот долгогодишен менаџер Боб Мекгован.

Зад себе ги остави ќерката Рене, зетот и внуката.