Српскиот претседател Александар Вучиќ предупреди за сериозни последици од екстремните горештини и нискиот водостој на Дунав, истовремено потенцирајќи ја зголемената потрошувачка на електрична енергија и влијанието на мигрантската криза врз Србија и Европа.
Српскиот претседател Александар Вучиќ предупреди дека Србија се соочува со сериозни последици од екстремните горештини и нискиот водостој на Дунав, оценувајќи дека дополнителен пад на нивото на реката би можел да предизвика големи проблеми.
„Ако се спушти уште 30 сантиметри, готови сме. Во земјите што имаат нуклеарни електрани зависни од водостојот проблемот е уште поголем. Во секој случај, проблеми има безброј, а најголемиот е во Војводина, особено затоа што таму нема дожд. Најтешка е состојбата во делови од Банат“, изјави Вучиќ во гостување на телевизијата „Ниш ТВ“.
Тој додаде дека Србија ја очекуваат „10 дена пекол“, предупредувајќи и на рекордна потрошувачка на електрична енергија поради високите температури.
„Сега доаѓа најлошиот период – 10 дена пекол. Трошиме струја како да е сред зима. Сите станавме разгалени, никој не сака да го исклучи клима-уредот“, рече Вучиќ.
Дунав, кој минува низ десет европски држави, во последните денови достигна исклучително низок водостој на повеќе делници, при што на површината се појавија карпи, песочни наслаги и потонати бродови што вообичаено се под вода. Метеоролошките прогнози не најавуваат позначителни врнежи, а температурите во регионот се очекува да надминат 38 Целзиусови степени.
Осврнувајќи се и на мигрантската криза и неодамнешните случувања во шпанската енклава Сеута, Вучиќ изјави дека такво сценарио не може да се случи во Србија.
„Кај нас не може да се случи тоа што се случува во Шпанија. Србија не е паркинг за мигранти. Секогаш сме ги почитувале луѓето, никогаш не сме биле расисти и никого не сме делеле по вера или боја на кожа“, рече српскиот претседател.
Тој додаде дека миграцискиот притисок врз Европа ќе продолжи, посочувајќи дека во Нигерија годишно се раѓаат повеќе деца отколку во цела Европа и Русија заедно, а многу семејства ги испраќаат своите деца кон Европа во потрага по подобар живот.










