Израелската војска уби двајца Палестинци во Газа, уништени магацини со лекови во близина на болница

Макфакс

01/08/2026

17:40

158

Големина на фонт

а а а

Израелската војска уби двајца Палестинци и уништи магацини со медицински материјали во близина на болница во Појасот Газа, додека воениот конфликт продолжува, а дипломатските обиди за разоружување на Хамас се во тек.

Израелската војска денеска уби двајца Палестинци и уништи два магацини со лекови во близина на болница во Појасот Газа, соопштија палестинските здравствени власти.

Здравствените служби на Газа информираа дека двајца Палестинци биле убиени во воздушен напад врз населбата Шеик Радван во градот Газа. Израелската војска соопшти дека станувало збор за членови на Хамас, но не објави дополнителни детали.

Во текот на ноќта, израелски воздушен напад ги уништил двата магацини што ги користела болницата „Маченици Ал Акса“ во Деир ал Балах, во јужниот дел на Појасот Газа, за складирање медицински материјали, соопшти Министерството за здравство на Газа.

Од болницата наведоа дека во магацините имало лекови и медицинска опрема за пациенти со бубрежни заболувања, материјали за дијализа, како и средства за преврски и рутински третмани.

Израелската војска не се изјаснила за нападот врз магацините.

Палестинката Фатима Шараб, која е раселена и се засолнила во камп во близина на магацините, изјавила дека многу пациенти и лица на кои им е потребна медицинска помош се собрале во тој реон за да бидат поблиску до болницата.

„Кога се вративме, кампот повеќе не постоеше“, изјавила таа.

Нападот се случува во период кога израелската влада сè уште нема официјално соопштено дали го прифаќа договорот меѓу САД и Хамас за разоружување на палестинската организација.

Премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху досега јавно не ја коментираше изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп за договорот, додека израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир го оцени како неприфатлив.

Планот на администрацијата на Трамп предвидува разоружување на Хамас, формирање нова палестинска политичка власт во Газа, прекин на израелските воени операции и постепено можно повлекување на израелските сили од областа.