Првичните резултати за пената во Вардар во границите на дозволеното, конечните анализи се очекуваат на 4 август

Макфакс

31/07/2026

16:10

159

Големина на фонт

а а а

Министерството за животна средина и просторно планирање објави дека првичните резултати за белата пена во реката Вардар се во рамките на дозволените граници, а конечните анализи се очекуваат на 4 август. Инспекциските проверки и лабораториските анализи покажуваат дека нема нарушувања на законските норми, додека надлежните институции координирано работат на утврдување на точната состојба.

Првичните резултати за пената во Вардар, доставени до Министерството за животна средина и просторно планирање, од Град Скопје, се во границите на дозволеното, а конечните анализи се очекуваат на 4 август

Институционална реакција

„Во врска со регистрираната појава на бела отпадна пена во реката Вардар кај вливот на реката Лепенец на 24 јули 2026 година, Државниот инспекторат за животна средина, во координација со сите надлежни институции, веднаш презеде серија вонредни теренски и лабораториски активности. Инспекторите на ДИЖС спроведоа вонредни инспекциски надзори кај индустриските субјекти во зоната кои се под државна надлежност. При надзорите не беа евидентирани законски нерегуларности, односно субјектите постапувале согласно пропишаните услови во еколошките дозволи за управување со отпадните води“, соопшти Министерството.

Квалитет на водите

Од таму велат дека важно е да се напомене дека квалитетот на водите во овој појас е под влијание на повеќе различни фактори, вклучувајќи ги комуналните и атмосферските води, како и активноста на бројните деловни субјекти во околината, поради што сите надлежни органи дејствуваат координирано.

Прелиминарни анализи

„Со цел прецизно утврдување на состојбата, ЈП ‘Водовод и канализација’ – Скопје изврши земање мостри од водата на спорната локација и до Министерството за животна средина и просторно планирање го достави прелиминарниот извештај од 29 јули, според кој анализираните физичко-хемиски параметри на примерокот не ги надминуваат граничните вредности за испуштање во површински води“, се наведува во соопштението.

Очекувања за конечни резултати

Дополнително, по барање на ДИЖС, земени се мостри и од акредитирана лабораторија, чиј финализиран извештај ќе биде доставен до Инспекторатот и до Министерството за животна средина и просторно планирање во вторник, 4 август, по што јавноста ќе биде навремено и транспарентно информирана за конечните резултати.