Филипче: Скандалозниот закон за „Скопје 2028“ ако остане во истата форма, ќе го блокираме

Макфакс

31/07/2026

14:30

137

Големина на фонт

а а а

Венко Филипче, претседателот на СДСМ, предупреди дека скандалозниот закон за Скопје - Европска престолнина на културата за 2028 не треба да се донесе во сегашната форма бидејќи го заобиколува Законот за јавни набавки и отвора простор за нетранспарентно трошење на јавните пари.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешниот брифинг за медиуми, порача дека скандалозниот закон за Скопје – Европска престолнина на културата за 2028, не смее да се донесе во ваква форма како што замислила Владата. Тој предупреди дека станува збор за крајно спорен закон и скандалозен обид на Владата да ги заобиколи законите и правилата за јавните набавки.

-Ова е скандалозен закон. Со кој памет поднесуваат таков закон? Како може да се заобиколи Законот за јавни набавки, рече Филипче.

На брифингот, на новинарско прашање како ќе постапи пратеничката група на СДСМ, кога во септември повторно ќе се најде на дневен ред овој закон, Филипче рече дека останува да се види во каква форма Владата ќе се обиде повторно да го предложи, но дека СДСМ нема да дозволи носење на закон со кој се заобиколуваат законските процедури и отвора простор за нетранспарентно трошење на јавните пари.

-Ќе видиме во каква форма ќе биде ставен на дневен ред во септември. Таков закон не смее да помине, ќе ги преземеме сите демократски механизми да го блокираме законот ако е во истата форма, рече Филипче.