Кога ќе настапат летните горештини, многу љубители на цвеќиња се соочуваат со истиот проблем – како да ги зачуваат растенијата свежи и здрави кога не се дома неколку дена. Редовното полевање често не е доволно, особено кога температурите ќе надминат 30 степени и почвата во саксиите ќе почне брзо да се суши.
Сепак, решението можеби веќе го имате во вашата бања. Стариот пешкир што повеќе не го користите може да добие нова намена и да стане едноставен помошник за одржување на влагата во саксиите.

Наместо да го фрлите стариот пешкир кој повеќе не го користите, можете да го искористите како импровизиран „фитил“ за растенијата. Принципот е едноставен – ткаенината впива вода и постепено ја пренесува до почвата, помагајќи им на корените да добиваат влага дури и кога не сте дома.
За овој трик ви се потребни само стар памучен пешкир и сад со вода.

Исечете го пешкирот на подолги ленти. Едниот крај ставете го длабоко во почвата на саксијата, а другиот крај потопете го во садот со вода што се наоѓа покрај растението. Ткаенината постепено ќе ја впива водата и ќе ја одржува почвата влажна.
Овој едноставен метод може да биде особено корисен кога заминувате за викенд или на годишен одмор и не сакате да молите некого секој ден да доаѓа и да ги полева вашите растенија.

Пред да ги оставите растенијата сами, добро полејте ги, проверете дали лентата правилно ја допира почвата и поставете го садот со вода на соодветно место.
Најдобри резултати дава кај растенија што сакаат умерено влажна почва, додека кај оние што бараат посува почва треба да се внимава со количината на вода.