Кина се гордее со својата богата историја, но голем дел од нејзиното културно наследство низ вековите исчезнало во војни, пожари, грабежи и револуции.
Наместо да ги обновува изгубените споменици, во последните години низ Кина никнуваат целосно нови „историски“ места кои изгледаат како да постојат со векови.
Станува збор за феномен познат како фанггу (fanggu) – туристички комплекси кои верно ги имитираат древните кинески села и градови. Палати, улици, канали и традиционални куќи се градат од темел, додека деталите, како вештачки остарени покривни ќерамиди, лозници и украси, се внимателно осмислени за да создадат впечаток на автентичност, пишува Си-ен-ен.

Ваквите дестинации особено ги привлекуваат домашните туристи, кои во услови на забавен економски раст бараат бегство од секојдневието.
За само околу 15 долари тие можат да изнајмат традиционална облека ханфу, а со мала доплата добиваат професионална шминка, фотографирање и обработка на фотографиите. Токму ваквите објави станаа вистински хит на кинеските социјални мрежи.
Популарноста на овие локации сè повеќе расте и меѓу странските посетители, најмногу благодарение на социјалните мрежи кои ја промовираат кинеската култура и естетика.
Губеи – „древно“ село старо само десетина години
Еден од најпознатите примери е „Gubei Water Town“ (Водено село Губеи) недалеку од Пекинг. Каналите, камените улици, чајџилниците и традиционалните куќи оставаат впечаток на автентично историско место, но селото е изградено дури во 2014 година.
Проектот, вреден околу 600 милиони долари, спои две од најпопуларните кинески атракции – Кинескиот ѕид и типичните водени села на југот на земјата. Денес привлекува илјадници туристи кои доаѓаат на еднодневни излети или престојуваат во луксузни туристички комплекси.

Иако на повеќето посетители не им пречи што местото не е историско, некои сметаат дека организаторите треба појасно да истакнат дека станува збор за современа реконструкција.
Сијан и „патување низ времето“
Во Сијан, некогашниот главен град на Кина, се наоѓа „Datang Everbright City“ – огромна пешачка зона инспирирана од златното доба на династијата Танг.

Комбинацијата од традиционална архитектура, модерни светлосни ефекти и живописен ноќен живот секоја година привлекува десетици милиони посетители.
Посебен хит станаа луксузните свадби со тема „патување низ времето“.
Младенците во текот на еден ден менуваат неколку историски костими, додека професионални филмски екипи снимаат романтични приказни што поврзуваат различни периоди од кинеската историја.
Иако ваквите пакети чинат колку просечна месечна плата, многумина сметаат дека претставуваат спомен за кој вреди да се плати.
Кашгар – помеѓу историјата и реконструкцијата
На крајниот запад на Кина се наоѓа Кашгар, град со повеќе од две илјади години историја.
Неговото старо градско јадро пред повеќе од десет години во голема мера беше урнато, а потоа повторно изградено.

Денес изгледа како идеализирана верзија на некогашниот историски град и привлекува сè поголем број домашни и странски туристи.
Додека едни сметаат дека станува збор за своевиден тематски парк, други истакнуваат дека и ваквата реконструкција нуди уникатно доживување на кинеската култура и историја.
Автентичност или добро доживување?
Феноменот фанггу покажува дека за многу туристи историската автентичност не е пресудна. Многу поважно им е искуството што го нуди местото – прошетка низ улици кои изгледаат како да се излезени од историски филм, фотографирање во традиционални костими и чувството дека патуваат низ времето.
Додека едни ги критикуваат ваквите проекти затоа што создаваат „вештачка историја“, други сметаат дека на успешен начин го оживуваат кинеското културно наследство и привлекуваат милиони посетители. Едно е сигурно – социјалните мрежи едноставно ги обожаваат ваквите дестинации.










