Ребалансот на Буџетот носи повеќе инвестиции и проекти, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Макфакс

30/07/2026

09:40

174

Големина на фонт

а а а

Ребалансот на буџетот за 2026 година обезбедува зголемување на инвестициите и проекти кои ќе придонесат за економски развој и подобрување на инфраструктурата, со цел да се создадат работни места и трајни вредности, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Ребалансот на Буџетот за 2026 година е доказ дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи одговорно и ги насочува средствата таму каде што носат најголем ефект. Наместо кратење на развојот како во времето на СДС и ДУИ, сега се инвестира во иднината, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Вкупните приходи се зголемуваат за 4 милијарди и 575 милиони денари, или 1,2 проценти, и достигнуваат 379,5 милијарди денари. Вкупните расходи се зголемуваат за 11,6 милијарди денари, или 2,8 проценти. Точно, дефицитот се зголемува и изнесува 4,1 процент од БДП. Но поважно е каде одат дополнителните средства. Капиталните расходи се зголемуваат за 5 милијарди и 814 милиони денари, односно за 14,5 проценти. Развојните потпрограми растат за 4 милијарди и 215 милиони денари и достигнуваат повеќе од 41 милијарда денари“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата обвинија дека СДСМ повторно се обидува да ја сведе дебатата на една бројка, дефицитот.

„Но граѓаните имаат право да ја знаат целата вистина. Секој денар од дополнителниот фискален простор е насочен кон инвестиции што создаваат работни места, ја движат економијата и оставаат трајна вредност. Тоа е одговорна економска политика, а не популизам. Тоа не се бројки на хартија. Тоа се нови патишта, железничка инфраструктура, водоводи, канализации, училишта, градинки, здравствени установи, проекти за животната средина и инвестиции во општините. Разликата е едноставна. ВМРО-ДПМНЕ зборува за тоа што ќе се изгради, додека во минатото СДС и ДУИ потрошија милионски буџети од кои граѓаните не видоа ништо. СДС нема ниту еден предлог како да се забрза развојот. Единствено што нуди е ширење страв и манипулација. Граѓаните не живеат од политички прес-конференции на СДС. Живеат од подобри патишта, поквалитетни училишта, модерни болници, сигурно водоснабдување и нови инвестиции. Токму тоа го обезбедува овој ребаланс. Овој ребаланс ќе се мери по завршените проекти, а не по прес-конференциите на СДС“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.