Историска одлука: Црна Гора воведува два дена платено менструално отсуство месечно, еве кој има право на слободни денови

Точка

28/07/2026

15:14

338

Големина на фонт

а а а

Собранието на Црна Гора денес ги усвои измените и дополнувањата на Законот за здравствено осигурување, со кои на жените со дијагностицирана секундарна дисменореја, болни менструални циклуси проследени со грчеви, мачнина и замор, им се овозможува право на два дена платено отсуство месечно.

Тоа право, како што пренесува „Vijesti“, се однесува на жените кои имаат болни менструални циклуси предизвикани од органски причини, како што се ендометриоза, миоми, полипи и други гинеколошки заболувања.

Иницијативата за измените на законот ја поднесе во март годинава, во пресрет на Меѓународниот ден на жената, независната пратеничка Јевросима Пејовиќ.


Предлог-законот претходно едногласно беше поддржан на седниците на Одборот за здравство, труд и социјална грижа и на Законодавниот одбор.

Во образложението на законот се наведува дека целта на измените е соодветно регулирање на дијагностицираните патолошки состојби на секундарната дисменореја, отстранување на предрасудите на работното место и воспоставување рамнотежа помеѓу зачувувањето на здравјето и професионалните обврски на жените.

Како што се истакнува, на жените со секундарна дисменореја им се признава право на посебна состојба на привремена спреченост за работа.


Што е секундарна дисменореја?

Секундарната дисменореја подразбира болни менструални тегоби предизвикани од претходно дијагностицирани гинеколошки заболувања, како што се ендометриоза, миоми, воспаление на јајниците, ендометријални полипи и синдром на полицистични јајници, како и состојби што можат да бидат проследени со болни полови односи, отежнато мокрење, неплодност или обилни менструални крвавења.