Обезбедени над 10 милиони евра за откуп на оризова арпа и грозје вранец, соопшти Владата

Макфакс

28/07/2026

15:30

134

Големина на фонт

а а а

Владата обезбеди над 10 милиони евра преку постоечка кредитна линија за откуп на оризова арпа и винско грозје од сортата вранец. Средствата, управувани од Развојната банка, се насочени кон финансиска поддршка за навремен откуп и исплата на предадениот род.

Владата донесе Одлуката со која се менуваат и дополнуваат условите за користење на средствата од компензационите фондови. Постојната кредитна линија што се реализира преку Развојната банка добива конкретна намена за финансирање на откупот на оризова арпа и винско грозје од сортата вранец, соопштија владините служби.

„Одлуката ја носиме пред главниот период на откуп, кога на компаниите им се потребни значителни средства за преземање на производите, а приходите од нивната продажба или преработка се остваруваат подоцна.

Со овој инструмент создаваме финансиска основа откупот да се одвива навремено, а предадениот род да биде исплатен во утврден рок“.

Според соопштено, се активираат расположливи средства од постојната кредитна линија и слободни средства со кои управува Развојната банка. Вкупниот расположлив износ изнесува 793.481.723 денари или околу 10,1 милиони евра. Од нив, 240 милиони денари се наменети за откуп на оризова арпа, а 553.481.723 денари за откуп на винско грозје од сортата вранец.

Барањата во рамките на секој од двата износи ќе се разгледуваат според редоследот на пристигнување. Максималниот износ на кредитот за откуп на вранец ќе изнесува до 130 милиони денари, а за оризова арпа до 30 милиони денари.

За оризовата арпа е предвиден рок на отплата до шест месеци, а за грозјето до девет месеци. За двете намени се предвидени грејс-период до три месеци и квартална отплата. Каматната стапка ќе биде фиксна и ќе изнесува еден процент годишно, без еднократна провизија за управување со кредитот, соопшти Владата.