Народна банка: Основната каматна стапка е непроменета – и натаму постои висока неизвесност

Макфакс

28/07/2026

13:10

178

Големина на фонт

а а а

Извршниот одбор на Народната банка одржа редовна седница и одлучи да ја задржи основната каматна стапка на 4,25% поради стабилноста на девизниот пазар и неопходноста за следење на инфлациските трендови во нестабилно надворешно окружување. Во соопштението се истакнуваат ризиците од геополитичките настани и позитивните показатели за домашната економија.

Извршниот одбор на Народната банка за поставеноста на монетарната политика денеска ја одржа својата редовна седница. По зголемување на основната каматна стапка во јуни, на оваа седница Извршниот одбор одлучи да ја задржи основната каматна стапка на нивото од 4,25%. Одлуката се заснова на најновите макроекономски показатели и оцените за ризиците од домашното и надворешното окружување.

„Движењата на девизниот пазар од почетокот на мај се стабилни, но и натаму има повисока побарувачка на девизи од корпоративниот сектор, делумно како резултат на повисоките цени на енергентите. Нивото на девизните резерви и натаму е во сигурната зона и на ниво коешто е соодветно на потребите за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот. Годишната стапка на инфлација забавува и во јуни, делумно под влијание на споредбената основа од минатата година. Извршниот одбор оцени дека е потребно повеќе време за да се потврди одржливоста на трендот на забавување на инфлацијата, а особено имајќи ја предвид високата неизвесност во надворешното окружување, повторната ескалација на тензиите на Блискиот Исток и можните преносни ефекти врз девизниот пазар и домашните цени“, соопшти Народната банка.

Имено, велат од таму, повторното заострување на воените дејствија на Блискиот Исток, како и на војната помеѓу Русија и Украина предизвика нови силни нагорни притисоци врз цените на енергентите и другите примарни производи и нарушувања во синџирите на снабдување.

„Покрај ова, и натаму влијаат домашните фактори што ја поддржуваат побарувачката и создаваат ризици за идната патека на инфлацијата. Во вакви услови, беше оценето дека тековната поставеност на монетарната политика е соодветна. Задржувањето на основната каматна стапка, заедно со мерките преземени досега кај задолжителната резерва и макропрудентната политика ќе придонесат за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото, за постепено враќање на инфлацијата на историскиот просек и за натамошно зацврстување на инфлациските очекувања, а соодветно ќе влијаат и врз кредитните услови во економијата. На последниот состанок, Европската централна банка исто така ги задржа истите каматни стапки, оценувајќи дека неизвесноста и натаму е висока, а ефектот од енергетскиот шок врз инфлацијата во еврозоната сѐ уште не се чувствува целосно“, пишува во соопштението.

Во однос на најновите податоци за главните макроекономски показатели, на крајот на јуни, девизните резерви изнесувале 4.936,4 милиони евра и се одржуваат во сигурната зона во согласност со показателите за адекватност.

„Од почетокот на мај наваму, девизниот пазар е стабилен, при сосема мали интервенции на Народната банка и на страната на продажбата, и на страната на откупот на девизи. Во јуни 2026 година, годишната стапка на инфлација и натаму забавува сведувајќи се на 3,4%, што е пониско ниво од очекувањата според априлската проекција. Забавувањето најмногу произлегува од поумерениот раст на цените на храната, при поволни сезонски и базни ефекти, како и од забавувањето на базичната инфлација што е поврзано со променливоста на цените на воздушниот сообраќај. Сепак, инфлацијата и натаму е на релативно повисоко ниво, а увозните цени сѐ уште се високи и нестабилни, во услови на одолжена неизвесност поради геополитичките случувања. Притоа, најновите проекции за увозните цени упатуваат на повисока странска инфлација, а неизвесноста и ризиците поврзани со идната динамика на светските цени на примарните производи и натаму се изразени, особено поради повторната ескалација на воените дејствија. Од друга страна, анкетите на Европската комисија спроведени во јуни упатуваат на очекувања на потрошувачите за натамошен, но значително поумерен раст на општото ниво на цените во следните 12 месеци“, се наведува во соопштението.

Од Народната банка наведуваат дека домашната економија и натаму покажува отпорност во услови на неизвесно надворешно окружување.

„Во првиот квартал од 2026 година, реалниот раст на БДП изнесуваше 3,1%, а расположливите високофреквентни показатели за вториот квартал засега упатуваат на можно забрзување на годишниот раст. Во монетарниот сектор, кредитната поддршка на побарувачката во економијата и натаму е посилна во однос на проекциите, при повисок раст и на депозитната база“, се наведува во соопштението.