Општина Крушево: Водата за пиење е исправна и безбедна за употреба

Макфакс

28/07/2026

13:50

138

Големина на фонт

а а а

Општина Крушево ја информира јавноста дека водата од градскиот водовод е здравствено исправна и безбедна за пиење, согласно резултатите од последователните лабораториски испитувања. Причината за минатите проблеми била привремен прекин во системот за хлорирање, но сите потребни мерки беа преземени за нормализирање и мониторирање на квалитетот на водата.

Општина Крушево информира дека, согласно резултатите од трите последователни лабораториски испитувања извршени од страна на Центарот за јавно здравје – Прилеп, водата од градскиот водовод ги исполнува сите законски пропишани параметри за квалитет и е здравствено исправна и безбедна за пиење.

Причината за привременото отстапување во квалитетот на водата, како што појаснуваат, беше технички прекин во функционирањето на системот за хлорирање, предизвикан од прекин во снабдувањето со електрична енергија.

„Веднаш по отстранувањето на дефектот беа преземени сите неопходни мерки за нормализирање на процесот на хлорирање и континуирано беа спроведувани контроли на квалитетот на водата.

Трите последователни анализи извршени од Центарот за јавно здравје – Прилеп потврдија дека водата е здравствено исправна и ги исполнува сите законски пропишани критериуми за безбедност.

Ги известуваме граѓаните дека водата од јавниот водовод во Општина Крушево може слободно да се користи за пиење, подготовка на храна и за сите останати потреби во домаќинствата, без потреба од дополнителни мерки или ограничувања“.

Општина Крушево и Јавното комунално претпријатие, додаваат од таму, ќе продолжат со редовен мониторинг на системот за водоснабдување и со континуирана соработка со Центарот за јавно здравје – Прилеп, со цел обезбедување сигурна, квалитетна и здравствено исправна вода за сите граѓани.

„Им благодариме на граѓаните за трпението, разбирањето и довербата што ја покажаа во текот на изминатиот период“.