[ВИДЕО/ФОТО] Новата руска лимузина ја таргетира бизнис-класата: Погледнете што нуди „Tenet A8“

Точка

27/07/2026

20:26

449

Големина на фонт

а а а

Потенцијален ривал на „Toyota Camry“ и „Škoda Superb“! Компанијата „AGR“ започна сериско производство на бизнис лимузината „Tenet A8“ во фабриката во Шушари, Русија.

Како и другите модели на локалниот руски бренд „Tenet“, и „Tenet A8“ е базиран на кинески автомобил, а овојпат станува збор за „Chery Arrizo 8 Pro“.

Возилото се произведува според целосен производствен процес кој опфаќа заварување, фарбање и финална монтажа, пишува сајтот „Autostat.ru“.

„Tenet A8“ е долг 4.757 милиметри, широк 1.832 милиметри и висок 1.469 милиметри, со меѓуоскино растојание од 2.770 милиметри.

Го карактеризираат долгата хауба, големата маска на ладилникот и светлосната лента што ги поврзува задните светла.

На купувачите ќе им бидат достапни два бензински мотори. Помоќниот 2,0-литарски турбомотор развива 197 коњски сили и 375 Nm вртежен момент, комбиниран е со осумстепен автоматски менувач и забрзува од 0 до 100 km/h за 9 секунди.

Втората опција е 1,6-литарски турбомотор со 150 коњски сили и 275 Nm вртежен момент, кој доаѓа со седумстепен автоматски менувач со двојна спојка и до 100 km/h забрзува за 9,9 секунди.

Во кабината се наоѓа 15,6-инчен екран на мултимедијалниот систем, 10,25-инчна дигитална инструмент-табла, електрично прилагодливи предни седишта со греење, вентилација и меморија, панорамски покрив, амбиентално осветлување и аудио систем.

Патниците на задната клупа имаат на располагање посебни отвори за вентилација, „USB“ приклучоци и централен потпирач за раце.

Стандардната опрема вклучува и таканаречен „зимски пакет“, кој опфаќа греење на предните и задните седишта, греење на управувачот, ветробранското стакло и прскалките за миење на ветробранското стакло.