Новата француска акциона серија го „освои“ Нетфликс: За помалку од 24 часа стана најгледана во светот

Точка

24/07/2026

20:26

421

Големина на фонт

а а а

Новата француска минисерија „Elite Force“ стана најгледаниот наслов на Нетфликс ширум светот и тоа за помалку од 24 часа по објавувањето. Акцискиот трилер од шест епизоди премиерно беше прикажан во среда, на 22 јули, а до четврток веќе го зазеде првото место на глобалната листа на стриминг-платформата.

Дејството на серијата, чиј работен наслов бил „ГИГН“ (GIGN), ја следи елитната француска тактичка единица ГИГН, која се соочува со терористички закани и заложнички кризи. Членовите на единицата се професионалци обучени за најризичните мисии, а ситуацијата дополнително се усложнува кога стануваат лична цел на мистериозна група.

Дејството и причините за успехот

Серијата стана најгледана на платформата за само неколку часа, што претставува значаен успех со оглед на тоа што пред премиерата имала минимална промоција. Поради тоа, сè уште нема официјални рецензии ниту оценка на страницата Ротен томатос. Сепак, се очекува големата популарност да го привлече вниманието на критичарите.

Приказната започнува со Давид, високопозициониран офицер на ГИГН, елитната специјална антитерористичка единица на Француската национална жандармерија, кој се подготвува да замине во пензија. Неговите планови ги прекинува неочекуван напад, по што добива задача да обучи нов, перспективен член на единицата.

Серијата започнува со сцена од интензивна ноќна обука на ГИГН под силен дожд. Еден од новите регрути, Макс, покажува дека поседува физичка сила и ментална издржливост неопходни за да стане дел од оваа елитна единица.

Дејството брзо го воведува главниот лик Давид, кого го толкува Томер Сисли. Тој заедно со својот тим анализира терористички напад без очигледен повод, во кој загинале четворица француски војници. Давид се обидува да ги открие мотивите на напаѓачите и заклучува дека станува збор за обучени професионалци кои одлично го познаваат теренот.


Во меѓувреме, Макс, кој му е кумче на Давид, мора да ја докаже својата подготвеност пред да му биде дозволено да учествува во акцијата.

Препорака за викендот

„Elite Force“ е квалитетен акционен трилер со воени елементи, пишува „ScreenRant“. Секоја од шесте епизоди трае меѓу 42 и 55 минути, а вкупното времетраење од околу пет часа овозможува целата сезона да се изгледа во еден ден. Серијата може да се следи и во два или три дела во текот на викендот.

Големиот интерес на публиката ширум светот укажува дека „Elite Force“ би можела да го задржи првото место по гледаност и во текот на викендот. Автори на серијата се Жулиен Леклерк и Силвен Карон, истиот тим што стои зад криминалистичката серија „Ganglands“, која исто така е достапна на Нетфликс.


Поради суровата атмосфера, сериозниот тон, постојаната напнатост и актерските изведби, „Elite Force“ е одлична препорака за сите љубители на жанрот.