Сакате да купите авион за десет евра? Напуштен авион на аеродромот во Севилја бара нов сопственик

Точка

24/07/2026

08:32

484

Големина на фонт

а а а

За цена од само 10 евра можно е да станете сопственик на авион. Шпанската компанија „Aena“, која управува со аеродромите во земјата, стави на јавна аукција напуштен авион „Piper PA-23 Apache“, кој со години стои на Аеродромот во Севилја.

Почетната цена на аукцијата изнесува симболични 10 евра, со задолжителен депозит од 50 центи. Иако звучи како животна можност, новиот сопственик нема да може едноставно да полета – авионот повеќе не е во летна состојба.


Со години стои на пистата, сопственикот никогаш не се јавил

Од „Aena“ за „Euronews“ појаснија дека авионот е напуштен најмалку од 2018 година.

Во текот на годините повеќепати се обидувале да стапат во контакт со сопственикот, а случајот дури трипати бил објавен во службениот државен весник, со цел да му се даде можност да го преземе авионот. Бидејќи никој не се јавил, леталото официјално било прогласено за напуштено и понудено на јавна аукција.

За купување можат да се пријават граѓани, компании и институции кои ќе ги исполнат условите од јавниот повик. Датумот на отворање на понудите ќе биде објавен по истекот на рокот за пријавување.


Некогаш популарен двомоторен авион

„Piper PA-23 Apache“ е американски двомоторен авион, кој компанијата „Piper Aircraft“ го претставила во 1950-тите години. Во своето време бил еден од подостапните авиони и можел да превезува до четворица патници.

Но, примерокот што се продава во Севилја повеќе не е способен за летање.

„Авионот е во лоша состојба и не е можно да се лета со него“, соопштија од „Aena“.


Необична можност за колекционери

Иако победникот на аукцијата нема да добие функционален авион, би можел да стане сопственик на еден од најнеобичните предмети што некогаш се нашле на јавна аукција на некој европски аеродром.

За љубителите на авијацијата и колекционерите, станува збор за ретка можност – двомоторен авион по цена еднаква на две кафиња на аеродром.