Тројца познати лекари одговорија на прозивката на Клековски за „слободни јавачи на епидемијата“

A1ON.MK

23/07/2026

11:02

1.270

Големина на фонт

а а а

Изјавата на министерот за здравство Сашо Клековски, кој ги нарече „слободни јавачи на епидемијата“ лекарите што јавно коментираат за загадувањето на водата во Гостивар, предизвика остри реакции кај дел од медицинската фела.

На прес-конференција, Клековски ги повика граѓаните да не ги следат советите на лекари кои не се епидемиолози или инфектолози, туку исклучиво официјалните информации.

„Би замолил да нема слободни јавачи на епидемијата. Гледам и доктори кои не се, условно кажано, епидемиолози и инфектолози, даваат различни совети и мислења. Знам дека вакви состојби се популарни за кликови и собирање лајкови, но би замолил граѓаните да ги следат службените упатства и официјалните канали“, изјави Клековски.

Прв реагираше микробиологот д-р Никола Пановски, кој преку објава на социјалните мрежи порача дека доколку неговите јавни настапи се проблем, министерот треба да ги извести медиумите повеќе да не бараат негово мислење.

„Јавно го замолувам министерот за здравство да ги предупреди медиумите да не ме бараат повеќе за совети и изјави. Од денес нека си бараат исклучиво епидемиолози и инфектолози. Многу би ви бил благодарен“, напиша Пановски.

Тој потсети дека токму неговиот повик за прогласување епидемија, според него, бил прифатен со задоцнување од десет часа, како и препораката резултатите од анализите на водата веднаш да бидат објавени.

„Конечно, зошто лица кои воопшто не се доктори даваат изјави и одговараат ‘хипотетично’ за фекални бактерии, иако не се доктори по медицина“, праша Пановски.

Реакција објави и онкологот Милан Ристески, кој се осврна на можните долгорочни последици од изложеност на колиформни бактерии. Тој нагласи дека одредени соеви на Escherichia coli, како и некои видови на Klebsiella, Citrobacter и Enterobacter, според научните сознанија, можат да придонесат за развој на карцином на дебелото црево, но само по долгогодишна колонизација на дигестивниот тракт и во комбинација со други фактори на ризик.

На крајот од својата објава, Ристески порача дека неговата анализа не е напишана „заради лајкови“, туку е посветена „на сите колеги кои полагале и положиле микробиологија, инфективно и епидемиологија без врски и без непотистичко влијание“.

Со јавен став се огласи и клиничкиот токсиколог д-р Нико Беќаровски, кој во контекст на зголемените концентрации на арсен во водата во Валандово им упати препораки на граѓаните. Тој оцени дека краткорочната изложеност на измерените концентрации не претставува акутен здравствен ризик и дека нема потреба од паника, но предупреди дека долготрајната изложеност може да има сериозни последици по здравјето.

„Нема апсолутно никаква потреба од паника и страв, но ако резултатите се континуирано високи, мора да се најде причината или да се обезбеди алтернативен извор за граѓаните“, напиша Беќаровски, додавајќи дека водоснабдувањето не смее да биде оставено „на импровизатори и несоодветно едуцирани послушници“.

Полемиката доаѓа во време кога јавноста внимателно ги следи случувањата поврзани со загадувањето на водата во Гостивар, а дел од лекарите сметаат дека нивна професионална обврска е да ги информираат граѓаните врз основа на медицинските и научните сознанија, додека Министерството за здравство инсистира комуникацијата да се одвива преку официјалните институционални канали.