Мислите дека климата ве разболела? Неврофизиолог открива дали ова е мит или вистинска опасност

Точка

22/07/2026

18:50

599

Големина на фонт

а а а

Високите летни температури повторно го отворија прашањето дали клима-уредите предизвикуваат настинка или станува збор за еден од најраспространетите летни митови.

„Климата сама по себе не е предизвикувач на настинка, но може да придонесе за нејзино појавување доколку неправилно ја користиме, особено во текот на летните месеци“, изјави д-р Драган Хрнчиќ во утринската програма на RTS.

Според неговите зборови, студениот и сув воздух ја суши слузницата на дишните патишта, која претставува прва линија на одбрана од вируси и бактерии.

„Кога долго престојуваме во климатизирана просторија, во која температурата е многу ниска, а воздухот сув, ја сушиме слузницата на респираторниот тракт, па таа ги губи своите одбранбени функции“, објасни Хрнчиќ.


Поради тоа може да се појават суво грло, пецкање во очите, кивање и кашлица, но тоа не мора да значи дека станува збор за инфекција.

„Сè додека немаме покачена телесна температура и додека симптомите се благи и минливи, можеме да ги припишеме на тоа дека се последица од климатизацијата“, наведе Хрнчиќ.

Тој додаде дека појавата на покачена телесна температура може да укаже на инфекција и дека тогаш е потребно да се обратиме кај лекар.

Особено чувствителни се лицата кои боледуваат од астма и хронична опструктивна белодробна болест, како и луѓето кои долго работат на компјутер, бидејќи поретко трепкаат, поради што солзниот филм што ги штити очите е помалку ефикасен.


Избегнувајте директен удар од климата

Хрнчиќ предупреди и на значењето на редовното одржување на клима-уредите.

„Тие филтри можат да бидат извор на различни мувли, габи и други микроорганизми. Поради тоа мораме редовно да ги сервисираме клима-уредите и да ги чистиме филтрите“, нагласи Хрнчиќ.

Тој советуваше и да се избегнува директно струење на студениот воздух кон лицето, вратот или градниот кош.

„По секоја цена треба да се избегне директен удар од климата врз организмот“, рече Хрнчиќ.


Кога станува збор за поставувањето на температурата, препораката е разликата меѓу надворешната и внатрешната температура да не биде преголема.

„Дваесет и шест или 27 степени во просторијата, ако надвор е 35 или 36, се сосема задоволителни. Не треба да се оди на 19 или 20 степени“, истакна Хрнчиќ.

Тој додава дека е подобро климата да работи непрекинато, во поблаг режим, отколку често да се вклучува и исклучува.