Научниците открија поврзаност меѓу „помлад“ мозок и мускулната маса. Повисокото ниво на мускулна маса и помалата количина висцерални масти се поврзани со помлад мозок, покажува новото истражување.
Сајрус Раџи, главен автор на студијата и вонреден професор по радиологија и неврологија на Медицинскиот факултет на Универзитетот Вашингтон, изјави: „Ако сакате помлад и поздрав мозок, практикувајте тренинг за сила.“
Иако вежбањето одамна се поврзува со здравјето на мозокот, ова е едно од ретките истражувања што директно ја анализира мускулната маса и подетално го испитува влијанието на длабоките маснотии во пределот на стомакот, односно висцералните масти. Студијата ја спроведоа научници од Медицинскиот факултет на „WashU“, а резултатите беа претставени во Чикаго, на годишниот состанок на „Radiological Society of North America“, кој се одржа од 30 ноември до 4 декември.
Истражувачите користеле MRI снимки за да ги проучуваат телесното ткиво и мозокот на речиси 1.200 здрави лица на возраст од 40 до 60 години (што е најчестиот животен период во кој се развиваат факторите на ризик поврзани со подоцнежната деменција, изјави Раџи). Тие користеле вештачка интелигенција за да го утврдат нивото на мускулна маса и телесни масти кај секој испитаник, а примениле и алгоритми развиени врз основа на десетици илјади други снимки од мозок, за да ја одредат „возраста“ на секој мозок, пренесува „The Washington Post“.

Во тој момент, научниците веќе имале јасна слика за тоа како обично изгледа мозокот на секоја возраст. Некои изгледале помлади од очекуваното, а некои постари, што значи и поголем ризик од ран когнитивен пад. Проценетата „возраст“ на мозокот била поврзана со мускулната маса и телесните масти.
„Колку е поголема мускулната маса, толку мозокот изгледа помлад. А колку повеќе висцерални масти има, толку мозокот изгледа постар“, изјави Раџи.
Мозоците што изгледале најстари биле пронајдени кај лица со високо ниво на висцерални масти и ниска мускулна маса.
Овој образец бил јасно забележлив, но студијата не испитувала како промените во мускулната маса и телесните масти директно влијаат врз мозокот. Сепак, Раџи истакна дека биохемиските супстанции што ги ослободуваат мускулите го поттикнуваат создавањето и поврзувањето на мозочните клетки и невронските врски, додека супстанциите што ги создаваат висцералните масти имаат спротивен ефект, според парафразата на „The Washington Post“.

Еве зошто ова е важно
Студијата ја нагласува важноста на тренингот за сила, рече Раџи. Иако повеќето луѓе почнуваат да губат мускулна маса во средната возраст, тренингот за сила може да го забави или дури да го сврти тој процес.
Тренингот за сила, во комбинација со аеробни вежби, е насочен кон намалување на висцералните масти. Иако луѓето можат да ги намалат овие масти и со употреба на „GLP-1“ лекови, притоа ќе изгубат и мускулна маса, доколку истовремено не започнат да креваат тегови, предупредува Раџи.









