Хоџа и Гиновска: Институциите будно ја следат состојбата, приклучокот за вода во Гостивар е надвор од дозволата

Макфакс

21/07/2026

14:40

211

Големина на фонт

а а а

Министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа и директорката на инспекторатот за животна средина Ивана Гиновска ги соопштија наодите од вонредниот инспекциски надзор во Гостивар. Состојбата со приклучокот за вода e надвор од дозволата, а институциите будно ја следат ситуацијата, со цел заштита на здравјето на граѓаните и спречување на инциденти.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска заедно со Директорката на инспекторатот за животна средина (ДИЖС) Ивана Гиновска и Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Оливер Миланов, одржаа прес-конференција во врска со наодите од увидот на ДИЖС во Гостивар.

„Во име на Владата дозволите пред се да ја изразам својата загриженост за сите заболени граѓани од Полошкиот регион. Како институции, будно го следиме развојот на случувањата и би сакал да ги уверам гостиварчани дека Владата ги презема сите мерки, секако во рамки на своите надлежности, и така ќе продолжи се до конечно расчистување на овој случај. Пред сè, сакам јасно да кажам дека очекувам целосно да се утврдат сите факти и околности, како и да се утврди и кривична и морална одговорност за сите кои со своето постапување или непостапување придонеле до оваа состојба. Кога е загрозено здравјето на граѓаните, не смее да има компромиси, ниту прикривање на одговорноста”, рече министерот Хоџа.

Директорката Гиновска ги соопшти наодите од увидот на инспекторатот.

“На ден 16.07.2026 година, по барање на Основното Јавно Обвинителство од Гостивар за посочена локација од страна на ДИЖС беше издадена наредба да се изврши вонреден инспекциски надзор каде преку државните инспектори за животна средина , координирано со претставници на крим полиција,АХВ,Центар за јавно здравје Скопје и Тетово и претставник на Јавно претпријатие за комунални дејности КОМУНАЛЕЦ Гостивар се изврши увид на лице место во период од 19 до 23 часот. Од извршениот увид и утврдената моментална фактичка состојба, а согласно своите законски надлежности е составен соодветен записник кој во овој момент е веќе  доставен до ОЈО Гостивар. Дополнително од страна на ДИЖС, а во поглед на Дозволата за користење на вода за снабдување со вода на градот Гостивар и одредени селски населби која е издадена од МЖСПП на барателот КОМУНАЛЕЦ Гостивар извршен е увид на лице место  , при што е утврдено дека предметното зафаќање на вода за која и јавноста е информирана не е составен дел на Дозволата која ја поседува КОМУНАЛЕЦ Гостивар, а водата која се зафаќа е од водно тело кое моментално гравитира во постоен отворен канал”, рече директорката Гиновска.

 

Министерот Хоџа кажа дека во моментов се спроведува најголем инвестициски циклус со стотици инфраструктурни проекти во општините низ државата, насочени кон унапредување на водоснабдувањето, канализационите системи, пречистителните станици и заштитата на животната средина. Тој ги повика носителите на јавни функции и секоја институција и на централно и на локално ниво професионално, законски и совесно да ги извршуваат надлежностите оти само така може да се изгради систем во кој нема да се случуваат инциденти како во Гостивар.