ОЈО: Приведени три лица! Колку беше загадена водата во Гостивар?

Точка

21/07/2026

08:16

1.381

Големина на фонт

а а а

Основното јавно обвинителство Гостивар отвори истражна постапка против три лица од ЈП „Комуналец“ – Гостивар, поради сомнение дека со свои дејствија предизвикале загадување на системот за водоснабдување, со што водата станала небезбедна за употреба.

Според Обвинителството, истрагата се води против вршителката на должност директорка на претпријатието, техничкиот раководител на Секторот за технички работи и раководителот на Одделението за водовод, канализација и градежни работи. Тројцата се осомничени за кривичното дело „Тешки дела против животната средина и природата предизвикани со дејствија на загадување на вода за пиење“.

Во соопштението се наведува дека на 25 јуни осомничените им наложиле на вработени да постават три потопни пумпи во отворен канал со површинска вода, со цел да се тестира притисокот на водата. Пумпите биле поставени во близина на преливната комора од системот што ја снабдува со вода Општина Гостивар и дел од околните населени места.


При увид извршен на 16 јули било утврдено дека две од пумпите сѐ уште работеле и преку потисни црева пренесувале вода од каналот во преливната комора со вода за пиење. Според обвинителството, на тој начин дошло до мешање на загадената вода со водата во главниот водоснабдителен систем.

Анализите извршени од Институтот за јавно здравје покажале сериозно микробиолошко загадување. Во примероците од површинската вода биле измерени 2.419,6 cfu/100 мл колиформни бактерии, иако максимално дозволената вредност изнесува 50 cfu/100 мл. Во примероците од каптираниот извор биле пронајдени 39 cfu/100 мл колиформни бактерии, иако според референтните вредности нивното присуство треба да биде нула.


Обвинителството наведува дека поради ваквите резултати водата е оценета како небезбедна за употреба и консумација.

Дополнително, во примерок земен од чешма на улицата „ЈНА“ во Гостивар било утврдено и зголемено присуство на резидуален хлор – 1,1 мг/л, што ја надминува максимално дозволената вредност од 0,5 мг/л според важечкиот правилник.


Јавниот обвинител оценил дека постои основано сомнение за сторено кривично дело, имајќи предвид дека последиците од загадувањето не можат лесно да се отстранат. Истрагата продолжува со цел целосно да се утврдат сите околности на случајот.

Осомничените се лишени од слобода, а во текот на денот обвинителството ќе одлучи дали ќе предложи мерки за нивно обезбедување пред надлежниот суд.