Обезбедувањето 50 илјади литри флаширана вода никако не е исцрпување на можностите на централната власт, велат од Левица

Макфакс

20/07/2026

16:30

292

Големина на фонт

а а а

Жителите на Гостивар се соочуваат со загадена вода и здравствени проблеми, додека Владата останува пасивна во координирањето на решавањето на кризата. Левица критикува дека обезбедувањето на флаширана вода не е доволно и бара активна улога и одговорност од државата.

Додека илјадници жители на Гостивар се соочуваат со здравствени последици, а водата од градскиот водовод не е безбедна за никаква употреба – Мицкоски настапува како премиер на туѓа држава, велат од Левица.

Наместо итна мобилизација на сите расположливи капацитети, додаваат од партијата, тој ладнокрвно соопштува дека Владата го завршила својот дел во поглед на нејзината надлежност, по што санацијата ја препушта на локалниот Водовод чиј капацитет е причината за настанатата катастрофа.

„Во ваква состојба не е доволно секоја институција да си го штиклира сопствениот дел од постапката. Од Владата не се очекува да биде набљудувач што ќе констатира кој следен треба да постапува, туку да ја преземе координацијата додека не биде отстранета опасноста. Кога во прашање се животот и здравјето на цел град, формалното разграничување на ингеренциите не може да служи како алиби за политичка пасивност. Обезбедувањето 50 илјади литри флаширана вода никако не е исцрпување на можностите на централната власт. Водата во шишиња не ја прочистува загадената мрежа, не ги испира цевководите, не врши дезинфекција и не спречува ново загрозување. Сведувањето на државната реакција на дистрибуција на вода покажува загрижувачка рамнодушност кон сериозноста на проблемот“, велат од Левица.

Наместо Владата веднаш да обезбеди сеопфатна техничка помош, да воспостави непрекинат надзор над прочистувањето и да гарантира дека секоја фаза од санацијата се спроведува стручно, велат од партијата, Мицкоски ја префрла тежината врз локалното јавно претпријатие. Притоа, смета Левица, токму неговото работење и можните пропусти треба да бидат предмет на темелна истрага.

„Не може истиот субјект чии одлуки се преиспитуваат да биде оставен практично сам да управува со отстранувањето на последиците“,велат од Левица и додаваат дека не е доволна морална одговорнот, туку потребна е кривична одговорност на сите инволвирани.

„Владата мора да ги стави во функција сите државни капацитети и да остане целосно вклучена сè додека водата не биде докажано безбедна. Мицкоски не може да ја мери својата обврска според тоа кој управува со општината, ниту да се претставува како заинтересиран премиер додека од дистанца набројува туѓи задолженија. Кога се загрозени човечки животи, премиерот не смее да биде коментатор на кризата. Негова должност е да ја мобилизира државата, да го спречи натамошното трпење штета и да обезбеди одговорност без заштитени имиња. Сè друго е партиско миење раце со флаширана вода“, влеат од Левица.