Јапонските власти интензивно трагаат по мечка која влегува во домови и краде храна, а се сомневаат дека истото животно стои зад дури 14 провали регистрирани во изминатите две недели во градот Шизукуиши, во североисточниот дел на Јапонија, пренесува „Гардијан“.
Во понеделникот навечер, 87-годишниот Мицуо Мацубара слушнал необична бучава од кујната и отишол да провери што се случува. Кога ја отворил вратата, се нашол лице в лице со голема азиска црна мечка. Фрижидерот бил отворен, а храната била расфрлана по подот. Неговата сопруга веднаш ја повикала полицијата.
Досега во Шизукуиши се пријавени вкупно 14 провали на пет различни локации, а надлежните сметаат дека зад сите случаи најверојатно стои истата мечка.
Поради тоа, околу населеното место се поставени кафези како замки за фаќање на животното, а околу куќите што повеќепати биле негова цел се поставени електрични огради. Дополнително, организирани се патроли кои ги предупредуваат жителите на присуството на мечката.
„Необично е мечка повеќепати да провалува на исто место“, изјави Шихо Чида, стручњак за мечки од Одделението за заштита на природата во префектурата Ивате, каде што се наоѓа Шизукуиши.

„Можно е да станува збор за истото животно, па затоа сакаме што е можно побрзо да го фатиме“, додаде таа.
Во текот на изминатите две недели, една мечка дури четири пати била снимена како влегува во објект на една фарма, каде што јадела сточна храна направена на база на млеко. Безбедносните камери снимиле и како среде ноќ се обидува да ја отвори лизгачката врата на селска куќа, но избегала откако сопственикот насочил светло кон неа и силно извикал. За да го одврати несаканиот посетител, земјоделецот почнал околу влезот да нанесува домашна смеса за одбивање мечки, која содржи јапонски синап.
Минатиот петок, еден жител по враќањето од пазарување затекнал мечка во својот дом, во непосредна близина на собата во која спиел неговиот повозрасен татко. Животното избегало кога сопственикот силно ја затворил вратата, но набргу повторно се обидело да влезе. Тој околу 30 секунди ги држел затворени лизгачките врати, додека мечката, исправена на задните нозе, се обидувала да ги оттурне. Според неговата процена, мечката била висока околу 1,65 метри.
Веќе следната вечер, една жена ја затекнала мечката како пребарува храна во нејзината кујна, а во неделата животното провалило и во продавница за традиционални јапонски слатки, од каде што од фрижидерот украло крофни.
Очигледната слабост на мечката кон благо ја натерала дури пет пати да се врати во истата куќа, каде што изела бисквити, шеќер и каринто – традиционален јапонски десерт од пржено тесто обложено со шеќер.
Јапонија во последните години бележи рекорден број смртоносни напади од мечки.

Според стручњаците, намалувањето на бројот на жители во руралните средини придонело мечките да станат помалку плашливи и сѐ почесто да навлегуваат во населени места, бидејќи повеќе не чувствуваат страв од луѓето.









