Вардар покажа најдобро можно лице на гостувањето во Куопио и избраниците на Кристијан Фабијани целосно ги вознемирија домашните фудбалски фанови во Финска, но за жал, вложениот труд не беше награден со изборено второ коло во квалификациите во Лигата на шампиони.
По разочарувачкото издание на домашен терен и поразот од Купс со резултат 2:0, малку кој веруваше дека Вардар може да оствари било каков позитивен резултат, но македонскиот првак ги демантираше сите скептичари и се прикажа во најдобро можно светло на гостувањето.
Фудбалерите на Вардар одиграа храбар и достоинствен натпревар од 1-та до 120-та минута, па на крајот може да жали што не понуди вакво издание на првиот натпревар на „Тодор Проески“.
Македонскиот првак беше далеку подобар ривал и во регуларниот дел успеа да стигне до посакуваните 0:2 кои ги бркаше од првиот меч, а автоголот на Саволаинен и погодокот на Закариќ од пенал го одведоа реваншот во дополнителни 30 минути игра.
Во овој дел од мечот следеше уште поголема драма пред двата гола, бидејќи Купс погоди преку Арма за 1:2, но Вардар во наредниот напад одново стигна до два гола позитива.
Пулеио во 102-та минута донесе предност од два гола која во најмала рака носеше пенали, но пред да биде означен крај на првото продолжение, домаќините добија пенал.
Искусниот Пјотр Паржишек ја реализираше најстрогата казна и погоди за 2:3, па овој погодок се покажа како клучен за вкупна победа на Купс и пласман во второто квалификациско коло во Лигата на шампиони.
Вардар со победа и достоинствената претстава се одјави од најелитното натпреварување, па сега европското лето ќе го продолжи со настапи во Конференциската лига на УЕФА.






